Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во новогодишото обраќање на сите граѓани им ја честита Новата 2025 година, посакувајќи им многу здравје, среќа и успех во новата година.
Во продолжение е интегралното видео обраќање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче:
„Новата година е време на надеж, нови почетоци и време да се присетиме на се што се случуваше во годината која измина. 2024 година беше година на предизвици за СДСМ, година во која научивме многу и во која одлучно завртивме нов лист. И покрај сите потешкотии ние се зацврстивме и го треасиравме патот кон иднина исполнета со посветеност и работа за сите вас.
Изборниот пораз не беше само предупредување, туку и поттик за нас да се смениме, да бидеме подобри и подостапни за секој граѓанин. Покажавме дека умееме да се соочиме со реалноста, да извлечеме поуки и да продолжиме со јасна визија. Денес, СДСМ е партија со нова енергија, со раководство кое е тука за да ги слушне вашите потреби и да понуди решенија.
2024 година, за жал, донесе изневерени надежи за многумина. Наместо економски раст, стабилност и европска перспектива, од новата Влада видовме стагнација и блокади. Владата ги изневери граѓаните уште во првите шест месеци. Не успеа да донесе реформи, го срози стандардот на граѓаните и ги замрзна платите. По шест месеци се живее полошо дури од времето на економските кризи кои се сега далеку зад нас. Ова е последица на негрижата за граѓаните, за жал, добивме Влада која се грижи за интересите на малкумина од елитата а ги заборава оние кои и ја дадоа довербата.
Затоа, нашата задача е јасна – да бидеме силен глас на граѓаните, глас кој ќе се бори за правда, за економска стабилност и за подобар живот за сите нас.
СДСМ никогаш нема да го изгуби својот фокус – секој човек е важен, секој проблем е наш заеднички предизвик. Ќе се бориме за зголемување на платите и пензиите, за нови работни места и за реална борба против сиромаштијата. Ќе бараме вистинска правда, институции кои работат за граѓаните, а не за партиски интереси.
Во време на брзи промени и неизвесност, гласот на малите народи често останува незабележан, а нивните грижи ретко предизвикуваат интерес. Затоа, да покажеме мудрост и истрајност, да ја бараме правдата за себе и да се бориме за вредности како мирот, солидарноста и безбедноста.
Со надеж и искрени желби, испраќаме пораки за мир и стабилност за сите народи кои денес страдаат под товарот на војните. Време е светот да се обедини околу заедничките хумани цели.
Во 2025 година нè очекуваат важни предизвици, но и нови можности. Заедно мора да се подготвиме за редовниот избор на претседател на партијата, кој ќе донесе уште поголемо единство и сила во нашите редови. Подготвени сме за локалните избори, каде што ќе понудиме силни кандидати кои ќе работат за вистински промени на локално ниво. Ќе продолжиме да бидеме конструктивна опозиција која нуди решенија, а не само критики.
Но најважно од сè – ќе останеме гласот на народот, гласот на надежта, на борбата за држава во која секој човек ќе се чувствува горд што живее овде.
Додека ја испраќаме оваа година, сакам да ви се заблагодарам за вашата поддршка, за вашата верба во нас и во иднината на нашата земја. 2025 година нека биде година на победи, нови надежи и посветена работа за подобро утре.
Среќна Нова година. Ви посакувам здравје, среќа и љубов во вашите домови. Заедно ќе изградиме држава во која сите ќе се гордееме што живееме. Нека надежта биде нашиот светилник, а вербата – нашата сила“.