Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и до православните верници по повод празникот Успение на Пресвета Богородица.

Во честитката тој ја изразува својата желба за многу среќа, радост и мир во душите на сите христијански верници.

– Денешниот празник е сведоштво за мајчинската љубов, верата во Христа, и пожртвуваноста која е исполнета со добри дела и хуманост кон човештвото. Правејќи добри дела, создаваме и оставаме зад себе трајни вредности и секој еден на тој начин придонесува со свој личен пример за развојот на нашата земја и создавање на подобра иднина. Верувањето во Христа, пожртвуваноста на мајката Богородица не учи дека добрите дела кон ближните, кон знајните и незнајните нема да останат незабележани, и тие се траен влог во изградбата на една личност, се вели во честитката

Нашиот народ децении и векови наназад, се посочува во честитката, покажал искрена верба во Христа, споделување на заедничките христијански вредности, кои се општи, универзални и човечки.

– Нека денешниот ден биде сведок и пример дека со искрена волја, чисто срце и верба можни се големи работи. Нам ни треба земја каде напредокот и среќата на нејзините граѓани ќе бидат во самите приоритети, земја каде ќе се работи на намалување на растечката сиромаштија, ќе се помага на гладните, а болните ќе ја добијат од системот на државата потребната грижа и услуга. Денес нашата држава се соочува со бројни предизвици, а иселувањето на младите е еден од нив. Нивното раселување значи изгубена и уништена иднина, затворени куќи, напуштени родни огништа, се вели во честитката.

Мицковски наведува дека треба сите заедно да придонесеме да создадеме подобра иднина, подобри услови за живот и само така ќе бидеме од полза на нашата земја и општество.

– На нашата земја и е потребна и сплотеност и обединетост, за да се постигне ова, треба да се стави крај на политичката одмазда и политички прогонуваните случаи. Македонија мора да започне да оди напред и да ги користи сите свои потенцијали, затоа што само така Македонија ќе победи! Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, стои во честитката.