Претседателот, Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во државава.
„Рамазан е време на пост, солидарност, добрина и простување. Овие моменти се потсетник на основните човекови вредности, потсетник дека треба да си помагаме едни со други и да се воздржуваме од лоши мисли, а толеранцијата да биде мост меѓу сите граѓани во нашата држава“, стои во честитката на Иванов.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, до сите припадници на исламската вероисповед упати честитка по повод големиот муслимански празник, Рамазан Бајрам.
„Задоволство ми е од мое лично име и од име на пратениците на Собранието на Република Македонија, да упатам искрени честитки по повод големиот празник Фитер Бајрам, празник кој доаѓа веднаш по Рамазанските пости и е награда за индивидуалната пожртвуваност на верниците, меѓутоа и за колективната взаемна солидарност и разбирање на сите граѓани без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност“, се вели во честитката на Џафери.
Тој на муслиманските верници им посака добро здравје, благосостојба во домовите и хармонија во семејниот круг, притоа истакнувајќи дека живееме во времиња на историски предизвик и искушенија за земјата.