Надеж дека граѓаните ќе гласаат позитивно на референдумот изрази шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за рускиот весник „Известија“, бидејќи смета дека договорот е добар, вин-вин и урамнотежен.

– Мислам дека референдумот е еден дел од ратификацијата на договорот согласно со одлуките на раководството на Северна Македонија. Треба да се добие референдумот за да биде ратификуван договорот. Интеграцијата на Северна Македонија во НАТО и ЕУ е избор на оваа држава.

Ние едноставно нема да ги спречиме и ќе им помогнеме на нивниот европски пат. Да знаете дека решението на овој проблем им служи на националните интереси на Северна Македонија и на Грција. Тоа е проблем што формално постои 25 години, а реално 75 години, рече Никос Коѕијас во интервјуто за весникот, направено по повод неговата посета на Москва и средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, јави МИА од Атина.