Зоран Заев недостоинствено ги погази државните и национални интереси на Република Македонија. Зоран Заев одлучи да прифати промена на уставното име, да ја проблематизира националноста и да се откаже од историјата, соопшти денеска опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму потенцираат дека Заев прифатил отстапки и обврски само за Република Македонија.

„Зоран Заев планира со просто мнозинство да изгласа во Собранието штетен договор кој подразбира менување на Уставот за што е потребно двотретинско мнозинство. Пред само еден месец, Заев тврдеше дека барањата на Грција за промена на Уставот и називите на институциите се ‘обесчестување’. Сега без срам, од владината говорница најави дека на влезот ќе го сменел написот и ќе ја преименувал во Влада на Северна Македонија“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев повторно се обидува да ги манипулира граѓаните и капитулацијата во преговорите да ја прикаже како победа.

„Со овој договор Зоран Заев ги урниса темелите на државноста на Република Македонија и го загрозува долгоодишното право на самоопределување кое македонскиот народ го има стекнато. Обидувајќи се да ја излаже македонската јавност Заев изјави дека со овој договор се зацврстува македонскиот идентитет, но за тоа веднаш беше демантиран од грчкиот премиер Ципрас кој на социјалните мрежи напиша дека договорот не ја препознава македонската нација.

ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи капитулацијата која Зоран Заев сака да и ја донесе на Република Македонија. Договорот нема да биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ затоа што е штетен и спротивен на највисоките државни и национални интереси“, се нагласува во денешното партиско соопштение.