Заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, државниот секретар Драган Николиќ, директорот на Генералштабот, генерал мајор Зоран Милески и командантот на 1. бригада, полковник Сашко Лафчиски денеска во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево присуствуваа на церемонијата за испраќање на единица од Армијата на вежбата „КФОР 30“ во Хохенфелс, Германија.
Како што информира Министерството за одбрана, заменик-министерот Хасани на припадниците од првата бригада им посака успех на претстојната вежба.
-Да бидете упорни и мотивирани и да покажете дека нашата Армија е составена од вистински професионалци. Овие подготовки и нашето учество во мисијата на НАТО на Косово се пример за нашата посветеност кон регионот, неговата безбедност, стабилност и просперитет. Тоа е приоритет за НАТО, тоа е и наш приоритет како земја-членка, рече Хасани.
На оваа меѓународна вежба која ќе трае до крајот на месецов и која е во организација на Американските сили во Европа нашата Армија ќе учествува со чета со 140 припадници, ќе бидат изведени вежбовни активности заедно со припадници од армиите на САД, Италија, Романија, Албанија, Молдавија Латвија, Косово, Словенија и СР Германија.
-Целта на вежбата „КФОР 30“ е подготовка на единиците кои се упатуваат во мисијата КФОР на Косово, во поддршка на мирот, стабилноста и безбедноста и поддршка на цивилните авторитети на Косово. На оваа вежба нашите припадници заедно со останатите припадници од другите земји ќе работат на унифицирање на подготовката на персоналот во ротациите во мисијата КФОР, односно ќе работат на подигнување на интероперабилноста со партнерските сили, стандардизирање на процедурите и постапките, се наведува во соопштението.