Македонската фудбалска репрезентација ги продолжува подготовките за првите четири натпревари од новото издание во Лигата на Нации. Македонските национали стартуваат против Бугарија на гости, а потоа гостуваат на Гибралтар, па дома со Грузија и со Гибралтар. Четири натпревари за десетина дена.

Според нашиот репрезентативец Бобан Николов тој систем е катастрофа, особено сега по крајот на сезоната, но вели дека кога се игра за репрезентација тоа не треба да биде никаков проблем.

„Тука сме за да ги одиграме овие четири меча, а кога доаѓаш за репрезентацијата ништо не е тешко. Катастрофа е ова за десет дена да играш четири меча, но не може во тоа да навлегуваме ние, си има нови правила. Ќе биде тешко, но не бараме оправдувања. Ќе покажеме и во четврток и во овие четири меча дека можеме, ќе го истуркаме ова и ќе победиме.Ако играме како што знаеме, не треба да се фокусираме на Бугарија, туку само на нас. Ако играме како што знаеме ќе ги добиеме. После ќе размислуваме за Гибралтар, Грузија...“, вели Николов.

Тој потенцира дека во моментов сиот фокус е само на Бугарија, а тоа што се случи во март со Италија и Португалија во мундијалскиот бараж останува во историјата.

„Наша цел е првиот меч, не не интересира другите мечеви. Прво се фокусираме со Бугарија, знаеме и не бегаме од улогата на фаворити. Знаеме прво место што носи, шанса пак да играме на едно Европско првенство. Тоа што се случи со Италија и Португалија да го оставиме зад себе и треба да се фокусираме на нови предизвици. Сега треба да сме уште повеќе концентрирани и да покажеме дека ништо не е счучајно во фудбалот“, вели Николов.