Четири завета на Свети Наум

Еден ден пред Божик, кога Св. Наум ја беше завршил Светата литургија во манастирот и ги беше пречестил монасите и народот, почувствувал дека му се приближува разделбата од овој свет.

Гледајќи го монасите неговото бледо лице, од кое излегувала некоја блага светлост, почувствувале во своите срца дека наскоро мора да се разделат од својот духовен отец и учител.

Поради тоа почнале многу да жалат и се свртувале настрана бришејќи ги солзите од своите очи. Светиот отец гледајќи ја нивната тага и солзи, ги повикал сите монаси покрај себе во тремот пред црквата.

Постарите монаси седеле заедно со помладите кои биле на нозе се собрале околу нивниот духовен родител, како пчели околу матицата своја.

Тогаш светиот отец ги прашал со тивок глас:

– Зошто плачете браќа мои? Зошто тагувате во овој час, ние треба да се радуваме во овој последен час. Нели сите се причестивме со света крв Христова, која сите нас не соединува и не прави Божји синови.

Причеста нели ве побудува на веселба и пеење, бидејќи преку светата причест се соединивме со живиот Бог, гревовите ваши ви се простени и вие сега сте светли и чисти, слични на небесните ангели.

Ме чуди од каде кај вас оваа тага наместо радост и плачење наместо веселба.

Еден млад монах по име Арсениј и поклонувајќи се пред преподобниот отец рекол :

– Благослови оче Науме, и јас еден од младите и недостојните браќа сакам да го искажам она што ми доаѓа од срцето.

Ако е веќе Божја волја да не оставиш, те молиме и те проколнуваме, не не оставај без совети и поучувања. Остави ни завет, свети Оче, краток и јасен, кои ние прости и немоќни би можеле да го држиме за спасение на нашите души.

Овие зборови како да му биле угодни на Отецот, тоа го приметиле сите монаси, како на лицето му се покажала една убава радост, се прекрстил и почнал да беседи :

– Ќе ви оставам браќа мои монаси еден завет, навистина краток но јасен, по кој и јас на Бога се молев и се трудев по него да живеам, а кој на вас ќе ви биде од корист.

Овој завет се состои само од четири збора, кои зборови се многу лесни за да ги сватите и разберете.

Четирите зборови се разбудување, покајание, очистување и причестување.

Знајте и запаметете браќа мои монаси само четири збора :

РАЗБУДУВАЊЕ ПОКАЈАНИЕ ОЧИСТУВАЊЕ ПРИЧЕСТУВАЊЕ

Овие се четири скали на патот за спасение кој сака да биде совршен мора да ги помине овие четири скали.

Затоа монаси, разбудувањето на душата е почеток за спасение. Бог сака сите луѓе да се спасат и поради тоа Он дејствува прво на успиената душа да ја пробуди.

Има многу примери како Бог ги буди човечките души. Бог го пробудил Савле преку сонот Јосифов, потоа преку потреси, болести и смртни случаи во фамилиите, како цар Давид.

А некој пак се разбудил кога во рацете ќе му дојде Св. Писмо и ќе почне да го чита. …

– Браќа мои, втор завет ви е покајанието.

Покајанието доаѓа веднаш по разбудувањето. Додека човекот не се разбуди од гревовниот сон тој не може ни да се покае.

Како што патникот не може да го направи вториот чекор, без претходно да го направи првиот. Кога некој спие до пладне, може ли тој да се покае за тоа што лежел толку долго и спиел, се додека не се разбуди?

Не, заспаниот не се кае, разбудениот се кае. Значи во духовниот живот покајанието доаѓа по разбудувањето. …

Очистувањето, браќа мои монаси, доаѓа по покајанието, и тоа по големо и совршено покајание. Мало покајание е како, кога човекот ќе се почеша по раната која го чеша и пече.

А очистувањето е исцелување на раната. Штом човекот вистински ќе се покае за сторените гревови тој веднаш има две желби:

1. Некако од своето минато да ги избрише црните гревови;

2. никогаш да не ги повтори. …

 

Причестувањето – тоа ви е четвртиот и нов завет.

Тоа ви е мој завет, тоа ви е мој последен проштален збор со вас. Кога разбудената и покајана душа ќе се очисти од гревовите, таа се разгорува со неискажлива љубов кон својот Создател и не сака ни за миг да се раздели од Него, и пламти од желба да биде целосно соединета со Него.

Ова соединување може да биде преку мисли, зборови и дела т. е. со умот, чувството и волјата.

Поимот причестување значи соединување. Со она со кое можеме да Го сакаме Бога, со тоа можеме и да се соединиме со Него.

Кажано е: „Сакај го Господа Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум“.

Но, човекот не може да се соедини со Бога сè додека не се одвои од сè што е земско, сè што е минливо и смртно. Со умот, човекот се соединува со Бога кога се труди да мисли на секоја работа без злоба, онака како мисли и Самиот Бог.

Уште повеќе со умот, човекот се соединува со Бога кога непрестајно мисли на Бога, за неговите својства, за Неговата сила, мудрост, добрина и вечност.

Со срцето човекот се соединува со Бога кога срцето на човекот му е исполнето со љубов, љубов кон Бога и кон сето она што Бог го сака.

А кого и што сака Бог познато ни е од откровението на вистината. Но нечистото срце не може да Го види Бога, ниту да Го сака. Само срцето очистено од секаква пристрастност и смртна љубов може да Го види Бога и да Го љуби.

Човекот со душата се соединува со Бога тогаш кога радосно ги исполнува сите Божји заповеди, се труди да ги проучи сите заповеди и сите до една да ги исполни.

Тогаш сите заповеди Божји му изгледаат лесни, а тој би сакал нешто тешко, претешко да направи од љубов кон својот Создател.

Оттука се раѓа таа желба кај многу Богољубиви души да претрпат многу маки и маченички да умрат за својот Возљубен.

Извадок од опширниот текст –  “Четири завета на Свети Наум”

(Извор: Покајание.мк)