Д-р Андон ЧИБИШЕВ
Пред неколку дена констатиравме дека помина една година од воведување на карантин во Вухан, градот во Кина каде за прв пат се појави корона вирусот и после тоа со огромна брзина се прошири и го зафати буквално целиот свет.
Во оваа година светот доживеа бројни промени кои го парализираа општествениот и социјалниот живот, економија и сите останати сфери на човечкото битисување. Во оваа трагедија најзасегнатиот дел се здравствените работници, војниците, полицијаците, наставниците и многу други кои од корен го променија начинот на живеење и работење.
И, сега, во последните неколку недели сериозните држави кои будно и одговорно следеа како се развива епидемиолошката слика и ширењето на вирусот почнаа со вакцинација на своите граѓани со вакцини од различни производители, од различни држави.
Македонија, за жал, не е меѓу тие држави кои започна со вакцинација, за жал таа не е ниту меѓу државите кои наскоро ќе обезбедат вакцини со кои ќе почне имунизацијата на населението. Прво, не манипулираа (лажеа) дека сме во некој си Ковакс систем и ќе добиеме вакцини кога ќе добијат и државите од Европската Унија, па не сме успеале во тој систем, ама, пријателските држави како Полска, Австрија и Грција ќе ни отстапеле од нивните набавени количини.
Кога и тоа пропадна, нашиот министер отиде во посета кај пријателскиот источен сосед, учестуваше на владина седница и добивме ,,ветување,, дека ќе добиеме дел од нивните вакцини, ама, кога тие ќе го покријат со вакцинација нивното население. Бидејќи и тоа пропадна, вниманието на Владата се насочи кон нашиот северен сосед од каде ,,испросивме,, 8 000 дози од нивните вакцини и тоа со медиумски ,,тапани“ и го соопштивме на јавноста.
Меѓутоа, српската премиерка, за само два дена од ,,добрата вест,, од Србија, со неколку реченици, без ракавици и патолошки искрено и сурово ни ја соопшти вистината, а тоа е, дека ние всушност не можеме да ги добиеме нивните вакцини бидејќи вакцината од компанијата ,,Фајзер,, не била регистрирана кај нас, а воедно и сме немале план за вакцинација.
Ова е врв на на неодговорност, неспособност и дилетантизам на нашите власти во справавувањето со последиците од пандемијата со Ковид 19 вирусот.
Како народната: НЕ УМРИ МАГАРЕ ДО ЗЕЛЕНА ТРЕВА !