Сведоштво на Методија АНДОНОВ ЧЕНТО по излегувањето од затвор
„…. Се сомневав дека Тито игра двојна игра, пред мене ми даваше право за се, ми ветуваше дека ќе ја обединиме Македонија, а зад мене ги тера неговите луѓе да ме критикуваат за тоа и да ме нарекуваат сепаратист.
Пред мене на секое мое барање дека Македонците бараат обединување на Македонија тој се согалсуваше со мене, но после тоа правеше сосема спротивно.Од желбата што сакав да ја видам Македонија обединета му верував искрено дека и тој ќе се залага за обединување на Македонија, но погрешив.
Претпоставував дека тоа го прави за да се извлече од обврската што ја вети, дека ќе се заложи за обединување на Македонија.
Но веројатно тоа беше само ветување, а моето често потсетување на тоа кога разговаравме насамо, така и во моите јавни говори му сметаше на Тито во неговите планови за владеење, па лукаво сакаше да ме тргни настрана.
Знаев дека тој не мора да ја сака Македонија и македонскиот народ, или пак ги сакаше колку што му требаа во Југославија. Сигурно мислеше дека залагањето за обединување на Македонија ќе му штети во владеењето, затоа, без око да му трепни обединувањето го тргна настрана.
Еве, поминаа единаесет години и се покажа дека токму тоа го мислел. Но ми беше тешко дека од обединувањето на Македонија многу лесно се откажаа многу Македонци и тоа само за да можат да седат и да живеат во убавите туѓи куќи во кои се населија откако со сила ги избркаа сопствениците. Дека на повеќе од нив им беше важно нивното удобство ми беше јасно многу одамна.
Кога се согласив да се борам со окупаторите го сторив тоа бидејќи мислев дека има луѓе како Кузман и дека навистина се загрижени за судбината на македонскиот народ и негово ослободување и обединување. Но тие што беа слични на Кузман загинаа, а останаа само слепите послушници на Комунистичката партија на Југославија.”
(Објавено од Јане Ченто на 16 ноември 2020 години)