Мерцедесот за кој поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на затвор од денеска премиерот Зоран Заев ќе може да го користи и официјално по автопатот Скопје – Штип.
Имено, автопатот денеска официјално ќе биде пуштен во употреба со церемонија кај Свети Николе во присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.
Автопатот кој го изгради претходната власт, како што вчера објави поранешниот премиер Никола Груевски, беше речиси 90 проценти изграден, а на актуелната власт и требаа повеќе од две години да ја подготви церемонијата за негово свечено отворање.
Во автопатската делница, долга 47 километри се вложени 177 милиони евра, и по неа се вози од пред еден месец, со соодветна сигнализација.
Автопатот е широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Летово, според најавите, ќе се градат планираните две патарини на автопатот, кај Кадрифаково и кај Свети Николе. Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.
Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.
На терен во тек е изградба на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, што, исто така го гради „Синохидро“. Градежните активности треба да се интензивираат по исплатата дел од финансиите од првиот кредит од „Ексим банка“, како и одобрувањето и исплатата на вториот кредит од 185 милиони евра, што беше утврден со анекс на Договорот за изградба.
Пред повеќе од една година, на идентичен начин, со долго подготвувана церемонија, која заврши со чочек пред еден од тунелите кај Демир Капија, сегашнава власт свечено го пушти во употреба и автопатот Демир Капија – Гевгелија, кој исто така стропроцентно беше изграден од претходната „режимска“ власт.