Јас сум капетанот што последен ќе го напушти бродот, изјави денеска новинарот Александар Чомовски, кој беше гостин во радиоемисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.

Чомовски ја повтори и неговата позната реплика дека „ако треба и светлото ќе го изгасне“.

Тема на разговорот беа последните настани со аферата „Рекет“ во која осомничен и притворен е Бојан Јовановски алијас Боки 13, кој се претставува како сопственик на 1 ТВ.

Чомовски рече оти останува во телевизијата со младите новинари, да се бори за да се спаси 1 ТВ.

– Не се откажувам, имам исконска потреба од нешто што згаснува да создадам нешто ново – рече Чомовски.

Во емисијата телефонски се јави и адвокатот Александар Тортевски кој праша како такви новинарски имиња не знаеле од каде му се парите на газдата, на што Чомовски одговори дека тие не се ниту адвокати, ниту УЈП.

За случајот „Рекет“, каде се зборува дека бизнисменот Орце Камчев е тој што пријавил во обвинителство, Чомовски рече оти не му е јасно како еден бизнисмен како Камчев може да се исплаши од човек како Боки 13, алудирајќи дека станува збор за поголема игра.