Црквата „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица од 13 март лани е новиот Ерусалим за православните верници од Македонија, но и од земјите во соседството. Ако досега една од најстарите цркви во Македонија беше чувар на духот на струмичани и градот, во последните две години таа е место каде верниците доаѓаат да се поклонат пред иконата на Богородица Брзопослушничка.
Во март лани иконата е донесена во Струмица од Светогорскиот манастир Дохијар. Таа е позната по тоа што бргу ги исполнува молитвите на верниците и им помога на болните и немоќните. Само пет копии од оваа икона, која е насликана на ѕидовите во манастирот Дохијар и таму се наоѓа повеќе од девет векови, се подарени на православни храмови. Еден од тие е храмот „Свети петнаесет“ во Струмица, каде секојдневно, но најмногу за време на викендите, има многу верници, кои сакаат да се поклонат пред иконата и да побараат помош од неа.
Од пренесувањето на иконата во храмот редици од верници почнале да доаѓаат, а 22 декември е прогласен за нов празник во оваа црква посветен на Богородица Брзопослушничка.
– Бројни се чудата кои ги лачи Богородица. Уште на самиот почеток беа дојдени наши браќа Македонци муслимани од Струга. Нивното 18- годишно момче беше немо. Откако заедно со мајка му се поклониле пред иконата и тргнале да се враќаат назад, момчето се сопна од еден од фундаментите и на цел глас викна мамооо! Тогаш мајката првпат го слушнала гласот на своето чедо. Го повика мажот и, кој чекаше надвор, и тројцата силно се прегрнаа, а на радоста и немаше крај, раскажува отец Крцев.
Додава дека токму тие се најголемите донатори на црквата. Пред извесно време од Солун ја купиле „кувуклијата“ или стојалиштето, кое чинело 10 илјади евра.
Додава дека има уште чуда, кои ќе бидат објавени во книга. Вели дека овој храм со доаѓањето на Богородица Брзопослушничка го зацврстил силниот православен печат во Струмица, кој отсекогаш тука е присутен во „Свети петнаесет“.
Иконата е откупена со грав и ајвар
Пред неколку години отец Крцев ја почнал мисијата за откуп на чудотворната икона. Со години на ред испраќал вреќи со грав и по 300 тегли ајвар во манастирот Дохијар, кои го подготвувале жените кои служат во црквата. Монасите две години ја изработувале иконата, во која меѓу другото има 36 илјади убоди од златен конец.
– Пред да ја донесеме иконата тука дојде старецот од манастирот за да види дали имаме услови да ја чуваме. Отакако се увери дека ние го практикуваме православието и имаме услови, донесе одлука да ја добиеме иконата. Поради тоа старецот беше мета на напади од солунскиот митрополит, но тој ја одбрани својата одлука со одговор дека Богородица сама побарала да дојде во Струмица, раскажува Крцев.
Секој викенд во црквата организирано доаѓаат посетители од земјава и странство. Пред некое време имаше поголема група верници од Бугарија. Тие имаа и организиран ручек во манастирските конаци. Тивко во ред чекаа да се поклонат пред иконата и секој и ја соопштуваше својата мака. Велат откако разбрале дека во Струмица има таква икона одлучиле да дојдат тука. Секој со својата мака и верба дека чудотворната икона на Богородица Брзопослушничка ќе му помогне.
Досега, освен верници од Македонија, пред иконата на Богородица Брзопослушничка се поклониле и Романци, Грци, Бугари и Срби.
Конаците ги чекаат гостите
„Свети петнаесет“ е подготвен со своите 80 легла во манастирските конаци да ги пречека сите добронамерници и да ги угости. За нашите верници сместувањето е 400 денари за една ноќ, а за гостите од странство 10 евра.
– Не само за верниците, туку во нашите конаци може да преноќи и да престојува секој добронамерник. Сите соби се со сопствени бањи и се опремени, а гостите ги имаат сите услови убаво да си поминат. На верниците кои доаѓаат од религиозни причини и за лек не им наплаќаме, вели отец Крцев.
Старешината на црквата апелираше до надлежните да се уредат и прошират приодите кон црквата, а посебно побара во близина да се изгради паркинг, бидејќи верниците се симнуваат неколку стотина метри подалеку и низ тесните улички на Турското мааало треба да се пробиваат до „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, кои секоја година на 11 декември Струмица ги слави како заштитници на градот.
МИА