Свети Еразмо направи разни чуда со силата на Христос кој делуваше во него.

Во тие чуда на слепи даваше вид, разболените од разни болести ги лекуваше. Имаше и некој благородник и првенец на овој град (Лукридон), по име Анастас, чиј син лежел мртов, а неговото тело го носеа да го закопаат. За ова му беше кажано на Свети Еразмо за да го воскресне и да им го предаде на родителите.

Доаѓајќи до неговиот гроб, блажениот рече: „Анастасе, ако ти веруваш во Господа Исуса Христа, родениот од Светиот Дух и девицата Марија, ќе ти го воскреснам синот.“

Настана голема мешаница во народот кој присуствуваше, вчудовидувајќи се на очекуваното. Тогаш Анастас рече: „И ти можеш да го воскреснеш син ми?“ Светиот Еразмо рече: „Не јас туку мојот Господ Исус Христос, кому јас сум му роб!“

Анастас рече: „Ако ми го оживееш син ми, ќе поверувам и јас и мојата куќа и сиот овој народ.“

Кон ова Светиот Еразмо рече: „Симнете го мртовецот од ковчегот!“ Потоа учтиво им нареди на неговата мајка и на татко му да го придржат, и клекнувајќи над телото викна со силен глас и рече: „Детенце, воскресни!“

Детето воскресна и викна гласно: „Голем е Богот на христијаните!“

И свртувајќи се кон татко му рече: „Татко, досега грешевме, Боговите што ги почитувавме не се ништо, ги видов во адот како немаат мир од маките. Богот на овој Свети Еразмо е голем.“ Така поверува Анастас и целата негова куќа и во тој час од присутниот народ се покрстија околу 40 илјади луѓе.

Од Првото житие на св. Еразмо.

Од книгата „Чудата на Свети Еразмо“, од д-р Стојан Ристески, Струга 2015. (Подготви Марко Китевски)