Македонија и уште четири земји од регионот со заедничка иницијатива во координација на министерствата за здравство одлучија од понеделник да дозволат влез без приложување негативен ПЦР-тест на граничните премини.
Владата вчера на седница донесе одлука од 12 октомври да им се овозможи непречен влез на државјаните од Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а реципрочно е договорено и македонските граѓани да патуваат во овие земји без да покажат медицинска потврда. Обврска за ПЦР-тест досега немаа само за влез во Албанија и Турција.
Одлуката е донесена по предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести и заради неопходните потреби на граѓаните, но со апел од Владата патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од КОВИД-19.
Проценето е дека до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странство, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Но бројот на новозаразени во земјава и натаму е висок. Вчера беа дијагностицирани нови 225 со кои вкупно 19 096 лица се инфицирале во седум и пол месеци епидемија во земјава. Оздравеле 15 645, а активни на болеста се 2683. Во вчерашниот здравствен билтен за поминатите 24 часа беа регистрирани и осуммина починати (од 64 до 82 години), и со нив досега 768 луѓе ја загубиле битката со опасниот вирус.
КОВИД-19 кај новите 225 е потврден по направени 1841 тестови. Над половината (120) се во Скопје, а двоцифрени бројки бележат Тетово – 17, Прилеп – 15, Струмица – 13 и Куманово – 10. Под десет нови случаи имаат Штип, Битола, Струга, Кочани, Охрид, Гевгелија, Берово, Свети Николе, Крива Паланка, Пробиштип, Кичево, Гостивар, Виница, Делчево и Неготино.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека со повторно високиот број на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран.
– Иако многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи, сепак се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки, напиша Филипче на Фејсбук со апел да се почитуваат мерките за заштита и додавајќи дека рестрикции и мерки ќе се носат секогаш кога ќе се процени дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје.
А поради зачестените прекршувања на здравствените протоколи во земјава, на владината седница вчера беа усвоени предлог-измени на Законот за заштита на население од заразни болести, со кои се предвидени нови и поголеми овластувања на инспекциските служби за справување со прекршителите.
Инспекторите ќе имаат овластување на правен субјект кој ги прекршува протоколите да му изречат на самото место привремена забрана за вршење на дејноста во траење до 30 дена. Со законските измени ќе се зголемат и паричните казни за прекршителите, а износите ќе зависат од големината на субјектите (фирмите). Тие ќе стапат во сила откако ќе ги одобри Собранието.
Главниот град и натаму има над илјада (1005) активни случаи. Висок е бројот и во Струмица – 177, Кочани 171, Тетово 168, Куманово 167, Прилеп 147. Меѓу скопските општини, најмногу активни се во Центар – 171, Карпош има 147, Кисела Вода 116 и Гази Баба 114. Бутел има 44 активнислучаи, меѓу кои од вчера е и градоначалникот на оваа општина Велимир Смилевски. Тој на Фејсбук соопшти дека е позитивен на КОВИД-19.
Поради високиот број заразени во Струмица, каде што се активни 177 и исполнетоста на капацитетите на Инфективното одделение, за прием на позитивни со КОВИД-19 од вчера се преадаптирани поранешните хирурушки амбуланти на струмичката болница.
Министерството за здравство вчера соопшти дека вирусот е потврден и кај доктор, медицинска сестра и медицински техничар на Клиниката за нефрологија во Скопје. Први случаи на коронавирусот меѓу вработени се регистрирани и во штипските градинки „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“. Станува збор за воспитувачка во едната и негувателка во другата градинка. Нивните колеги и групите со деца се изолирани.
По препораката на Комисијата за заразни болести, Владата вчера го одобри и алгоритмот за постапување во училиштата доколку се појави ученик со симптоми, сомнителен/позитивен на КОВИД-19. За спроведување на постапките од алгоритмот потребно е во секое училиште да се определи одговорно лице за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје.