Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска оствари работна средба и ги посети полициските службеници кои се распоредени на полициските пунктови во околината на Тетово и Гостивар.
На средбата, соопштија од МВР, министерот Чулев бил запознаен со активностите што се преземаат за контрола на мерките и одлуките на Владата, со посебен акцент на одлуката која е на сила, а се однесува на ограничување на движењето на време на продолжениот празничен викенд.
– Денес граѓаните празнуваат два големи и значајни празници, еден верски и еден државен. Тука сум пред се на колегите, а потоа и на сите граѓани да им ги честитам двата празници. Соработката, меѓусебната доверба и почитување се основата на која се темели полициското постапување и полициската работа и токму на вакви значајни и важни денови добро е уште еднаш да се потсетиме на вредности кои му даваат смисла на живеењето, а општеството го прават средина во која секој го добива местото што го заслужува, истакнал Чулев.
Тој уште еднаш им се заблагодарил на полициските службеници и на сите граѓани кои и во деновите за празнување покажуваат исклучително високо ниво на меѓусебна почит, но и ги почитуваат одлуките и мерките што се донесени од страна на Владата, а имаат за цел превенција од коронавирусот.
– Времето во кое живееме и предизвикот со кој се соочуваме секојдневно не потсетуваат дека битките кои ги водиме во професионалниот и приватниот живот не познаваат етничка, национална, професионална или било каква припадност, а тоа е уште еден доказ и потврда дека соработката и сплотеноста е единствениот начин преку кој можеме да ја постигнеме и оствариме оваа цел. Мостовите на соживот кои ние заеднички ги градиме денес, се основата по која ќе чекорат идните генерации, потенцирал Чулев.
Министерот Чулев упатил апел до граѓаните да останат во своите домови за време на ограничувањето на движењето овие неколку дена, да ги почитуваат мерките за користење заштитна опрема и изрази искрена надеж дека многу наскоро животот и секојдевните обврски ќе се вратат во нормала.