Денешните неточни обвинувања објавени за мене од страна на политичката партија СДС, само уште еднаш ја покажуваат нервозата во нивните редови за милионскиот скандал кој го објавивме вчера и денес, а која говори за милионски договор склучен во име на Министерството за внатрешни работи, со фирма блиска до нив.

Обвинувањата за моја наводна инволвираност во кумановските настани се груба невистина и манипулација со јавност. Доколку тоа навистина е така до сега сигурно ќе бев неколку пати душмански приведен од партиските послушници на Оливер Спасовски во редовите на полицијата и безбедносните служби. Во целокупната моја професионална кариера сум го давал максимумот за одбрана на безбедноста, територијалниот интегритет и уставниот поредок на мојата татковина Македонија.

Доколку, сметаат дека денешниот и вчерашниот прес на кој говорев за криминалот направен од страна на Оливер Спасовски се неточни, ги повикувам тоа да го докажат преку судските органи. Јавноста гледа и е свесна дека станува збор само уште еден од низата случаи во кој „се фатени живи“ правејќи милионски зделки на грбот на полицијата и на товар на граѓаните.