Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, изјави дека дел од раководниот менаџмент на МВР, ангажиран во криминалистичката полиција е директно во спрега со криминалните структури. Во интервју за Алфа ТВ, тој тврди дека постои тарифа за држење кривични пријави во фиока, за уништување на средствата за извршување на кривично дело или за квалификување на потешки во полесни кривични дела.
-Дополнитено, постојат информации дека дел од овие раководни структури, назначени од министерот Оливер Спасовски, се директно инволвирани и самите во криминални активности на начин што се наоѓаат на платен список на криминалните структури со фиксен месечен надоместок, со цел да издаваат информации за оперативно – технички ПИ-мерки кон припадниците на криминалните структури и, дополнително, да издаваат информации кога министерот за внатрешни работи планира конкретни оперативни активности за нивно апсење или приведување, вели Чулев.
Техничкиот министер најавува и дека веднаш ќе побара од Одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР да ги процесуираат сите оние дојави или информации за инволвираност на припадници на МВР во криминални активности и дека тие ќе бидат отстранети од Министерството поради тоа што се недостојни за вршење на полициската служба и нанесуваат огромна штета на честа и угледот на оние припадници кои професионално и чесно ја извршуваат својата работа.
Во однос на претстојните избори, Чулев со порака до криминалните структури кои, вели, се надоврзани на одредени политички елити, да не се дрзнат да извршат нарушување на избирачкиот процес.