Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска повтори дека во наредниот период МВР ќе објави информации за отворените истраги во кои се инволвирани и носители на јавни функции, за кои веќе се добиени информации дека се можни сторители на кривични дела.

– Во однос на истрагите кои ги најавив сакав да кажам дека изминатиот период како МВР, покрај концентрацијата што значи спроведување на мерките и одлуките на Владата за заштита на здравјето на граѓаните, МВР не ја изгуби од увид и откривачката функција, односно активностите во областа на откривање на сторители на кривични дела посебно во областа на организиран криминал и корупцијата, па и во овој дел. Во наредниот период ќе објавуваме информации и за одредени носители на јавни функции за кои имаме веќе добиени информации, а кои се можни сторители на кривични дела, рече Чулев на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој уверува дека МВР изминатиот период било целосно ангажирано и во откривање кривични дела и во борба против организиран криминал и корупција, а имале и сериозни предизвици кои во наредниот период, како што вели, ќе се мултиплицираат, а тоа е спречување на илегалната миграција.

Обвинувањата на НСП за висината на сумата за ремените е неточна информација

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев коментирајќи ги денешните обвинувања од Независниот синдикат на полицијата дека биле набавени 600 ремени за сума од 300 илјади евра рече дека се работи за неточна информација.

– Нека проверат сите медиуми и јавноста, сите набавки се јавни. Ние и писмено ќе ви доставиме доколку побарате. Се работи за потреба дискутирана на координативното тело, со уредба на Владата се скрати приправничкиот стаж заради потребата од зголемен обем на работа на околу 600 приправници имаме недостаток од опрема, вклучително и ремени, така да таа потреба е дискутирана на координатгивното тело и одобрена, а во однос на висината на цената тоа е јавна информација што во секој момент може да се види, рече Чулев на денешната прес-конференција