Иранскиот претседател Ибрахим Реиси од утре ќе престојува во тридневна посета на Кина, соопшти портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг. Реиси доаѓа во Кина на покана на претседателот Си Џинпинг, додаде таа.
Лидерите на Иран и Кина последен пат се сретнаа во септември минатата година во Узбекистан, а во таа прилика Си нагласи дека Кина го поддржува Иран.
Кина е главниот купувач на иранската нафта и важен извор на инвестиции за Техеран.
Во 2021 година двете земји потпишаа договор за стратешка соработка за следните 25 години, а тој ги опфаќа сите најважни економски активности поврзани со нафтата, рударството, економијата и други области.
Двете земји имаат затегнати односи со САД и се обидуваат да се претстават, заедно со Русија, како противтежа на американската моќ.