Циклонот Невен кој веќе ја зафати нашата држава, условува врнежи претежно од снег и тоа во западните, северозападните и северните предели како и во скопскиот регион, пренесува метеорологот Славчо Попоски.
Во текот на оваа ноќ врнежите ќе се прошират насекаде со што во најголем дел од државава ќе дојде до формирање на снежна покривка, на пониските места од 5 до 10 см, на некои места и до 20 см додека на повисоките места значително ќе се зголеми и тоа за над 20 см а на високите планини дури и за околу 50 см.
Уште оваа ноќ ќе започне да дува умерен до засилен ветер од северен правец, па така, во следните часови како и утре (вторник) поради ниските температури ќе има појава на голомразица, па затоа на граѓаните, особено на старите и изнемоштени ги советуваме да бидат претпазливи доколку излегуваат и тоа поради лизгавиот асвалт или пак ако е непотребно да не излегуваат.
На возачите исто така им се препорачува да бидат внимателни и да возат со намалена брзина, особено доколку минуваат низ планинските превои.
Исто така планинарите никако во ваква ситуација да не прават прошетки низ планините поради намалената видливост која се очекува и интензивните снежни врнежи.
Поради разведрувањето, посебно ниски температури ќе има во среда и во четврток наутро кога ќе се спуштаат во интервалот од -10 до -2 степени додека на планинските места истите ќе се спуштат и под -10 степени.