Атина и Анкара са договорија да вложат напори за намалување на тензијата во пограничните региони на Егејското Море, изјави премиерот на Грција, Алексис Ципрас по вчерашната средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на маргините на Самитот на НАТО во Брисел.

– Му обрнав внимание на турскиот претседател за зголемувањето на случаите на турски нарушувања на грчкиот воздушен простор над Егејското Море. На крајот на краиштата, ние се согласивме да направиме напори за намалување на тензијата, истакна Ципрас, по двочасовните разговори, кои ги определи како „тешки“.

Според податоците на грчкото Министерство за одбрана во 2017 година турски авиони околу 1,5 илјади пати го нарушиле грчкиот воздушен простор над Егејското Море.

За време на разговорот, Ципрас го покренал прашањето за задржувањето на двајца грчки војници во Турција, поради тоа што се нашле на турска територија. Тие беа обвинети за шпионажа и се наоѓаат во затвор во Едрене.

Ердоган, пак, ги споменал осумте турски офицери, кои избегаа со воен хеликоптер во Грција на 16 јули 2016 година по обидот за државен удар во Турција. Грчките судови одбија да ги предадат на Анкара, бидејќи сметаа дека тужбата против нив нема да биде фер во нивната татковина и дека таму би биле малтретирани, па дури и убиени. 

Ципрас и Ердоган, исто така, разговараа за кипарското прашање, а грчкиот премиер ја истакна важноста од продолжување на преговорите под покровителство на Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Според неговите зборови, беше постигнат договор за контакти меѓу министрите за надворешни работи на двете земји на оваа тема.