Ирационално е она што го стори Европската Унија и се надевам дека набрзо ќе сфатат оти направија историска грешка, која не треба да стане фатална, изјави лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер Алексис Ципрас во интервју за Крит ТВ, говорејќи за европската перспектива на Македонија и Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас вели дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе се моли на изборите во С. Македонија „да не дојдат на власт неговите истомисленици”, истакнувајќи дека „националниот и патриотскиот интерес“ велел дека треба да се постигне Договорот од Преспа.
Според него, решението постигнато со Договорот меѓу двете земји не може лесно да се урне.
– Не верувам дека е лесно да се урне Договорот (од Преспа), но влегуваме во перипетија, во непотребна перипетија. Ирационално е она што го стори Европската унија и се надевам дека е привремен неуспех. Се надевам дека набрзо ќе сфатат оти направија историска грешка. Грешка која не треба да стане фатална. И ова го велам знаејќи паралелно дека, за жал, Грција беше отсутна од консултациите и од се што се случи на Самитот минатата седмица, рече Ципрас, додавајќи дека се очекувало Грција, а не Данска и Холандија да имаат став и улога во дискусијата што се однесува на Балканот.
Поранешниот грчки премиер упати критики до актуелната Влада во Атина за ставот дека поради албанското население, кандидатурите на Македонија и Албанија не треба да се раздвојат и запраша дали можеби на овој начин Грција индиректно не ја призна логиката на Голема Албанија.
Ципрас ја коментираше и позицијата на грчкиот премиер Мицотакис за Договорот од Преспа, нагласувајќи дека тој “велеше оти овој договор е штетен, катастрофален и предавнички, а сега вели дека треба да се придржуваме до него и да го почитуваме”.
– Сега ги следам случувањата и претпоставувам господинот Мицотакис ќе моли да не случајно се смени Владата (во Скопје) и господинот Заев да не ги загуби изборите во С. Македонија и на власт да дојдат неговите истомисленици, оние кои ќе сакаат да му наштетат на Договорот. И ќе го гледам господинот Мицотакис, кој говореше за штетен договор, да моли за тоа колку е важен овој договор, нагласи Ципрас во интервјуто за критската телевизија.