Рускиот претседател Владимир Путин во денеска изрази надеж дека традиционално топлите односи на Русија со Грција се обновени по спорот, кој се случи претходно оваа година.
– Се надевам дека оваа страница навистина е затворена, изјави Путин на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Руските односи со Грција во јули беа нарушени, кога Грција одлучи да протера двајца руски дипломати, обвинувајќи дека Москва се меша во односите на Атина со Скопје. Русија беше обвинета дека сака да ја спречи намерата на Македонија да се приклучи кон НАТО.
Говорејќи за причините за протерување на руските дипломати, Путин потсети дека Москва не се согласува со основите за таа одлука. – Едвај можам да замислам дека некое трезвено лице, како во Грција, така и во Русија, би можел да помисли дека Русија планирала какви било шеми или заговор против Грција. Тоа е бесмислица, истакна тој.
Шефот на руската држава рече дека е убеден оти меѓусебните обвинувања може да се решат на други начини, „без театрални гестови”.
Путин ја потенцираше важноста на билатералните економски врски, особено во енергетиката. Тој истакна дека Русија снабдува повеќе од половина од побарувачката на Грција за природен гас.
– Русија е подготвена да ја разгледа можноста за поврзување грчки компании со проекти за испорака на руски гас во Европа преку јужниот коридор, изјави Путин. Тој, исто така, не ја исклучува можноста за поврзување на Јужна Европа со „Турски поток” преку Грција.
Путин истакна дека руските иновативни компании имаат за цел да влезат на грчкиот пазар со широк спектар на производи и услуги. Рускиот претседател рече дека со обновувањето на грчката економија ќе се зголемат и руските инвестиции. Тој и посака на грчката Влада што е можно поскоро да ги надмине сите тешкотии со кои се соочува земјата од економската сфера.
Ципрас, од своја страна, на средбата изразил загриженост поради тоа што Турција купува руско оружје
– Разговаравме за настаните во Источен Медитеран, новата енергетска мапа што се формира во овој регион, улогата на Русија и односите на двете земји со Турција. Ја изразив нашата загриженост во врска со програмите на Турција за вооружување, бидејќи сака да зачува казус бели (casus belli -причина за војна) со нашата земја, рече Ципрас на прес-конференцијата по средбата..
– Грција е членка на ЕУ и НАТО, но имплементира модел на мултидимензионална надворешна политика, рече Ципрас, заблагодарувајќи се за гостопримството и потенцирајќи го долгогодишното пријателство меѓу двете земји. Тој појасни дека Атина може да биде сигурен сојузник во НАТО и ЕУ, а истовремено и стабилен партнер на Русија, дополнувајќи дека тие две работи не се во судир.
Ципрас изрази убеденост дека Атина може да биде мост меѓу Брисел и Москва, врз основа на меѓународното право, почитување на безбедноста и стабилноста, врз основа на принципи. – Ние веруваме во сигурни сојузници и партнери, истакна Ципрас.