Ако мојата влада се плашеше од политичката цена, не ќе можеше ниту да ја извади земјата од кризата и економските програми, ниту да најде решение за осигурителниот систем, ниту да се справи со бегалската криза, ниту да го реши името, ниту да го промовира неопходниот дијалог со Турција и покрај големите тешкотии, ниту да ги направи радикалните промени што беа потребни во областа на човековите права.
Ова во пресрет на утрешната посета на Скопје, во екслузивното интервју за МИА и воедно за некој медиум од нашата земја, го вели премиерот на Грција, Алексис Ципрас.
Во него тој ги отвора картите за претстојните разговори со неговиот колега Зоран Заев и делегациите од двете земји и идните планови за соработка, а говори и за важноста на Договорот од Преспа.
Според Ципрас, Договорот од Преспа инспирираше многумина кои препознаа дека е изводливо да се решат меѓународните разлики со заемно почитување, обезбедувајќи ги своите интереси без да ја понижиш другата страна.
-Сепак, имаше политичка цена, бидејќи еден значаен дел од грчкиот народ беше и е сериозно загрижен за ова прашање. Наша одговорност, моја и на Зоран, е да покажеме дека нашите народи може само да добијат од патот што се отвори. Исто така, наша одговорност е да им одговориме на силите на национализмот кои во денешниот свет се зајакнуваат и целат кон тоа да не вратат во мрачните времиња.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Алексис Ципрас, потенцира дека посетата е од историско значење, базирана на нова стратешка визија за двете земји, открива дека ќе дојде со 10 министри и ќе се потпишат низа договори во различни области.
Вели дека Грција и С. Македонија мора да бидат партнери и сојузници, упатува порака дека Атина треба да има стабилен и безбеден северен сосед, а Скопје има потреба од силен сосед што ќе ги поддржува нејзините чекори кон европската перспектива.
-Ова е посета од историско значење, базирана на нова стратешка визија за нашите земји. Грција и Северна Македонија мора да бидат партнери и сојузници. Освен тоа, резултатот од Договорот од Преспа не е само решавање на прашањето за името и отклучување на европската и евро-атлантската перспектива на С. Македонија. Договорот ги постави темелите за воспоставување на силни билатерални односи што предвидуваат соработка и на меѓународно, европско и регионално ниво. Во овие рамки, ќе се одржи и првиот состанок на нашиот Совет за соработка на високо ниво со учество на 10 министри од повеќе области (економија, енергетика, одбрана, надворешна политика, инфраструктура/ транспорт, земјоделски развој, дигитална политика, здравство) и ќе се одржи првиот бизнис форум со десетици бизнисмени од нашите земји. Ќе се договориме за Акцискиот план што ќе ги вклучува сите категории на нашата соработка, Договор за одбранбена соработка, Договор за отворање и на нов граничен премин што ќе ги поврзува Промахи со Мајден, Меморандум за соработка за пристапниот процес на С. Македонија, енергетиката, развојот на инфраструктурата, нашите Служби за цивилна авијација, вели Ципрас.
Целосното интервју на грчкиот премиер Алексис Ципрас за МИА ќе биде објавено во текот на денот.