Грчкиот премиер Алексис Ципрас, синоќа говорејќи на расправата во грчкиот Парламент, кусо пред гласањето доверба, ги извести пратениците дека Грција ја примила Вербалната нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските согласно Договорот од Преспа, јави МИА од Атина.
Ципрас му се обрати на Мицотакис и рече дека во добиениот текст, „соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава“, односно дека се појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството.
-Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот nationality се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици, рече Ципрас.
Грчкиот премиер во неговиот говор му се обрати на лидерот на Нова демократија и му одговори на неговите барања да не го донесе Договорот од Преспа по брза постапка во парламентот, му порача дека ќе има доволно време, иако за конкретното прашање веќе една година се дискутира, а воедно го повика и на ТВ дуел.
-Јас втор пат ве предизвикувам и ве поканувам, дојдете и овде во Парламентот и на еден телевизиски дијалог за Договорот од Преспа, да ни кажете кои се тие аргументи што ги имате, му порача Ципрас на Мицотакис.
Соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава, му рече вчера грчкиот премиер Ципрас на лидерот на опозициската Нова демократија, Мицотакис, за време на расправата во грчкиот Парламент во однос на испратената Вербална нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските согласно Договорот од Преспа.
Целиот допис на шест страници од официјално Скопје до официјална Атина, грчкиот премиер вчера го достави до Парламентот и пратениците, а документот стигна и до новинарите кои синоќа го следеа гласањето доверба на владата на Ципрас.
На почетокот од Вербалната нотата, што ја има МИА на располагање, Министерството за надворешни работи на Република Македонија го известува Министерството за надворешни работи на Грција дека на 20 јуни Договорот од Преспа беше ратификуван во собранието, а на 11 јануари 2019 дека „согласно Членот 1 (3) (е), Членот 1 (4) (д). Членот 1 (11) и Членот 1 (12) од Договорот, Собранието на Република Македонија ја усвои одлуката за прогласување на уставните амандмани XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија и одлуката за прогласување на уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија“.
Во продолжение објаснето е она што всушност Ципрас го спомена во синоќешното обраќање во Парламентот во однос на јазикот и државјанството.
Документот до кој дојдовме, во продолжение, ги содржи одлуките за уставните амандмани, исто онака како што на 12 јануари беа објавени во Службен весник.
Како и на сите официјални документи од Македонија до Грција, така и на овој ставен е печат дека земјата „од Грција е призната како ФИРОМ/ПЈРМ“.