СВР Скопје – Единица за недозволена трговија – Одделение за недозволена трговија со дрога до скопското Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Д.К.(29) од Скопје поради основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. При претрес на пријавениот пронајден се амфетамини и екстази.
СВР Скопје – Единица за недозволена трговија – Одделение за недозволена трговија со дрога до надлежното ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против скопјанецот С.Г.(26) поради основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. При претрес на пријавената пронајдена е марихуана, амфетамини и екстази.
Полициски службеници вчера го привеле 25-годишниот штипјанец А.М. поради сомнение за извршено разбојништво во аптека на ул. „Маршал Тито“ во Штип. Околу 11:.45 часот Ѓ.Б.(41) од Штип, вработен во аптеката, пријавил дека штипјанецот А.М.(25) со закана со нож од него одзел пари и лекови. Веднаш по добиената пријава, преземени се мерки и активности од страна на полициски службеници и А.М. е приведен во Полициската станица Штип. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Вчера во 14:48 часот Ш.Т. пријавила дека во канцеларија на ул.„Македонија“ на Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги нејзиниот колега Н. З. почнал вербално да и се заканува, а потоа и се заканувал и со нож. Полициски службеници излегле на местото на настанот. По целосно документирање на случајот против Н.З. ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во Полициската станица Кисела Вода, утрово во 9:00 часот С.З.(34) од Скопје пријавила дека на улица „Михаил Чаков“ била касната од куче скитник во пределот на левата натколеница.
Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешка телесна повреда“, „насилство“ и „загрозување на сигурноста“, СВР Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Ј.К.(40) од охридското село Велгошти, вработен во протипожарната служба. На Ј.К. од надлежниот суд му е одредена и мерка притвор во траење од 30 дена. Ј.К. на 9.1.2019 во просториите на Територијалната противпожарна единица во Охрид со дрвен предмет го нападнал Г.С.(54) од Охрид и му нанел тешки телесни повреди, по што Г.С. бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Потоа, во друга просторија физички го нападнал пожарникарот Т.Т.(45), нанесувајќи му повреди. Откако го напуштил местото на настанот, Ј.К. се јавил на службениот телефон во противпожарната служба и упатил сериозни закани кон пожарникарот А.А.(56) од Охрид.
Вчера во 11:20 часот во СВР Скопје, С.Х.(67) пријавил дека на улица „Славка Димкова“ бил физички нападнат од З.С.(53). Против З.С. е поднесен соодветен поднесок по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
Вчера и завчера ( 8 и 9 јануари ) во Тетово подигнати со специјално возило се вкупно 30 погрешно паркирани возила, претежно во централното тетовско подрачје, и на сопствениците им се изготвени мандатни платни налози. Глобата за ваквите прекршоци се движи од 45 до 180 евра во денарска противвредност.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против С.Ѓ.(29) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и против Д.Г.(26) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“. С.Ѓ. и Д.Г. на 23.12.2018 година на улица „Маршал Тито“ во Виница нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија.
Синоќа во 22:00 часот во Полициската станица Чаир Т.Т.(50) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка Ј.Т.(18). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.