Снежните врнежи го блокираа сообраќајот на повеќе патишта во Македонија кон повисоките населени места, во сила се забрани за камиони преку повеќе планински превои, а движењето на возилата е отежнато и забавено. Ависообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје досега се одвива без проблеми и според информациите од веб страницата, се реализираат полетувањата и слетувањата.

– Во скопскиот регион се непроодни патните правци кон повисоките населени места на Скопска Црна Гора, односно селата Брест, Танушевци и Малино во општина Чучер Сандево не се проодни, а тие села немаат и електрична енергија. Во општина Кисела Вода непрооден е патот од Теферич кон Сопиште, покажува извештајот за состојбата на патиштата до 13 часот на Центарот за управување со кризи

Во Битолскиот регион, регионалниот патен правец Крушево – Пуста Река не е исчистен, но е прооден за теренски возила со зимска опрема, а во Прилеп сите магистрални и регионални патишта се исчистени и опесочени, проодни за сите моторни возила, освен регионалниот пат за Мариово, кој е од трет преоритет. Регионалниот пат Лагово – Витолиште, моментално е прооден за теренски возила.  Во општина Долнени непроодни се патните правци за селата Маргари, Зрзе и манастиорот во село Зрзе. Прооден за сообраќај е и регионалниот патен правец Битола – Ресен – Охрид.

Во Охридско, во општина Македонски Брод, регионалните патишта за Кичево, Прилеп и Самоков се проодни, а непроодни се локалните патишта кон повисоките села Дренов, Крапа, Битово, Растеш, Заград, Волче, Ботушје, Бенче, Лупште, Звечан, Инче, Требовље, Брест, Косово, Рамне, Брезница, Могилец, Калуѓерец, Томино село и Сушица. Во општина Струга, непрооден е патот што ги поврзува селата во Малесија од село Присовјани до хидроцентрала Глобочица.

Според извештајот на ЦУК, во Велешко, во општините Велес, Градско и Чашка, екипите на Македонија пат, ЈКП Дервен и ГП Изгрев, се на терен и се чисти накај селата Отовица, Сујаклари, Мамутчево, Иванковци, Оризари, Клуковец, Сливник, Раштани и Бузалково. Патните правци кон Горно Јаблчиште и Богомила се тешко проодни. ЈП „Македонија пат“, според ЦУК, е на терен и работи на расчистување.

На подрачјето на општините Свети Николе и Лозово патот кон селата Немањици, Ранченци, Мечкуевци и Патетино, како и кон селата Трстеник, Сопот, Преот, Малино, Алакинци и Крушица не се проодни за лесни моторни возила, а се проодни за теренски возила.

ЦУК информира дека во кумановскиот регион, во општина Старо Нагоричане единствено регионалниот патен правец кон Србија – Пелинце е прилагоден за движење, додека патните правци кои гравитираат кон селата во козјачијата се тешко проодни.  Во општина Липково, тешко проодни се патиштата кои гравитираат кон повисоките села Гошинце, Лукаре и Малино. Регионален пат Ранковце – село Герман е прооден до село Пклиште, а оттаму до село Герман нема усклови за сообраќај. За теренски возила е прооден регионалниот патен правец Крива Паланка – село Огут, додека регионалниот патен правец Крива Паланка – село Луке е прооден во зимски услови. Локалниот пат од село Дурачка река местото викано Метоф кон село Дренак е непрооден.

Според извештаите на ЈП „Македонија пат“ и Автомотосојузот на Македонија, забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци крак Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид, преку планинскиот премин Пресека, патот Прилеп – Македонски Брод на планинскиот премин Барбарос како и на патниот праевец Тетово – Попова Шапка, каде забраната важи и за автобуси, а за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема (синџири). Од 12:15.часот  поради интензивни врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан.

Управата за хидрометеролошки работи (УХМР) најави дека врнежите од снег од попладне ќе засилуваат, особено во западните и северните делови на Македонија, каде снежната покривка дополнително ќе се зголеми за 10 до 20 сантиметри, а на планините и над 20 сантиметри.