Полициски службеници кои извршувале редовни активности од областа на сообраќајот, вчера околу 19 часот на улицата „Македонско Косовска Бригада“ и улицата „Босна и Херцеговина“ во Скопје, при издадена наредба за запирање на патничко моторно возило „Пасат караван“ со скопски регистерски таблици, возачот не запрел туку продолжил со движење.
Веднаш се преземени мерки и активности за негово запирање и на регионалниот пат Хиподром- Катланово во близина на Сточен пазар возилото било запрено. Утврдено е дека возилото го управува Р.Б.(27) од Скопје и при преглед во возилото биле пронајдени околу три килограми марихуана. Лицето било приведено во Полициската станица Гази Баба за понатамошна постапка.
Вчера 8 часот во Полициската станица Аеродром Р.М.(50) од Скопје пријавил дека на претходниот ден околу 21 часот на булеварот „Јане Сандански“ пред Трговскиот центар Бисер бил каснат од куче скитник во пределот на десната подколеница.
Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје на вчера во периодот од 14 до 22 часот спроведе акциска контрола за санкционирање возачи кои ги кршат сообраќајните правила. Преземени се вкупно 139 мерки против возачи на моторни возила и задржани се 40 сообраќајни дозволи под сомнение за техничка неисправност (зголемена бучавост и непрописни фолии) и истите се упатени на вонреден технички преглед. Исто така констатирано е дека 15 возачи управувале нерегистрирани возила, 14 возачи управувале возило без возачка дозвола, шест возачи управувале возила без соодветна категорија на возачка дозвола, 24 возачи управувале моторцикл без заштитен шлем, а санкционирани се и други прекршоци.
Вчера во 15 часот во СВР-Скопје било пријавено дека на улицата „Пере Тошев“ мотоцикл „Јиајуе“ со скопски регистерски таблици управуван од непознато лице удрил во пешакот М.Ј.(44) од Скопје и по незгодата го напуштил местото на настанот. М.Ј. се здобила со тешки телесни повреди констатирани од страна на лекар од Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од страна на увидна екипа од СВР-Скопје и се работи на расчистување на случајот.
Утринава 4 часот било пријавено дека во Куманово на булеварот „Трета Македонска ударна бригада“ патничко моторно возило „Сеат леон“ со кумановски регистерски таблици управувано од Б.П.(26) од Куманово излетало од коловозот и со тешки телесни повреди се здобил возачот Б.П. кој бил пренесен во Клиничката болница во Куманово. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Куманово и се работи на целосно расчистување на случајот.
Вчера во 15,20 часот било пријавено дека покрај брегот на Охридското Езеро, помеѓу Струга и село Калишта, настанал пожар при што опожарена била трска. Од страна на Територијалната противпожарна единица-Струга пожарот бил локализиран. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Струга.
Вчера околу 15:30 часот било пријавено дека во Берово настанал пожар во атарот на село Ратево кај место викано „Три Реки“, при што била опожарена млада борова шума. На местото на настанот упатени се екипи од Територијалната противпожарна единица Берово, Шумското стопанство и се преземаат мерки за гаснење на пожарот.
Вчера било пријавено дека настанал пожар на подрачје на Свети Николе односно во атар на с.Каратманово, кој во текот на ноќта преку с.Ново Село на место викано „Кишински пат“ се проширил кон с.Каласлари, при што била опожарена поголема површина сува трева и разновидна шума. На местото на настанот излезено е од екипа од Македонски шуми-Велес и од нивна страна во 17,00 часот пожарот бил ставен под контрола.
Вчера во 17:50 часот било пријавено дека во Тетово настанал шумски пожар на шест до седум помали локации покрај патот во правец од с.Ново село кон с.Мерово-општина Желино, при што била опожарена нискостеблеста шума и сува трева. Се преземаат мерки за гаснење на пожарот.
Ноќеска, петнаесет минути по полноќ во СВР-Скопје С.Ф. пријавила дека на улицата „Челопек“ нејзиниот девер И.Ф.(53), во една од собите во куќата предизвикал пожар. Пожарот бил локализиран од семејството и опожарена била собата каде што живеел И.Ф. Повредени лица нема. Увид на местото на настанот ќе се врши во текот на денешниот ден.