На 02.12.2018 година околу 11.45 часот во село Двориште, Беровско, З.Ц.(39) од село Двориште, додека управувал трактор „ИМТ 539“ без регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал во провалија, превртувајќи се неколку пати.

Со возило на Итна медицинска помош тој бил пренесен во Медицински центар Струмица, каде околу 13.30 часот починал. Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Берово. Се работи на расчистување на случајот.

На 02.12.2018 година во 22 часот во Полициската станица Аеродром, В.Б.(30) од Скопје  пријавил дека истиот ден околу 14.30 часот на Кеј на реката Вардар, во близина на Спортскиот центар „Јане Сандански“, бил каснат од куче скитник во пределот на левата нога.

Секторот за внатрешни работи Скопје до Основно јавно обвинителство Скопје поднесе две кривични пријави против С.Т.(52) и И.В.(27) од Скопје поради основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, предвидено и казниво по член  215 од Кривичниот законик на РМ.

При извршен преглед и легитимирање кај пријавените е пронајдена марихуана.

Во текот на изминатите денови (30.11, 01 и 02.12.2018 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 27 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди, 13 сообраќaјни незгоди со телесни повреди и 12 со материјална штета. Во сообраќајните незгоди три лица се здобиле со тешки телесни повреди и 16 лица се здобиле со телесни повреди.

Од преземените мерки и активности констатирано е дека 77 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 44 возачи од кои: 15 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 23 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и шест возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така исклучени од сообраќај се и 25 возила бидејќи биле нерегистрирани.

Санкционирани се 18 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, седум поради неправилно престројување, еден возач поради неправилно престигнување и 17 возачи поради недопоседување пропишана зимска опрема. Во однос на пешаците санкционирани се 20 пешаци поради поминување на коловоз вон пешачки премин и 10 пешаци затоа што поминале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 210 мандатни платни налози и 125 возила се подигнати со специјално возило „пајак”.