Македонија вчера го достигна најголемиот црн рекорд во заразени од Ковид-19 од почетокот на пандемијата.

Вчера имаше 364 нови случаи или вкупно 19.777 заразени односно 10 пати повеќе отколку што предвидуваше министерот за здравство Венко Филипче, на почетокот од епидемијата, кога беше „јунак“ и за кого се снимаа спотови, се пееше и аплаудираше од тераси во 17 часот и кога јавноста ја убедуваше дека врвот ќе биде со вкупно околу 2.000 заразени.

Во Македонија вчера беше регистриран најголем број на новозаболени од Ковид -19 од почетокот на пандемијата. За едно деноноќие имаше 364 нови случаи. Комисијата за заразни болести предложи сет на рестриктивни мерки, но засега не се размислува за воведување полициски час.

Дел од мерките што ќе бидат доставени до Владата се носење на маска на отворено, забрана за поголеми семејни прослави во домашни услови и групирање на јавни простори по 22 часот. Во еден дом ќе биде дозволено сопствениците да примат само четворица на гости. Мерките нема да важат за децата до шест години.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција изјави дека ќе побара што поскоро одржување на владината седница.

– Се воведува задолжително носење маски или заштитна опрема на носот и устата секаде при престој на отворено, на затворено во кој било јавен објект, на работно место, јавен и приватен транспорт. Исклучок се прави при спортување на отворено и затворено, при транспорт во приватни возила на членови на едно семејство, при седење во уготителските објекти со почитување на соодветни простории, при престој во службени простории ако е лицето само во просторијата, појасни Филипче.

 

Според него, најважен фактор за тоа како ќе се спроведува ограничувањето за бројот на гости во домот, се самите граѓани.

– Технички и формално, по пријава може секогаш да интервенира и полицијата и инспекторатите, но е многу важно граѓаните да се свесни што треба да избегнуваат во периодот што е пред нас. Пред нас доаѓа период на слави и тоа е огромен ризик. Верувам дека граѓаните ќе бидат свесни, истакна Филипче.

Пред граѓаните е и продолжениот викенд во кој е планирано да се реализира мерката „Викенд без ДДВ“.

Министерот Филипче смета дека тој нема да претставува ризик за ширење на вирусот бидејќи, како што вели, има протоколи и се знае по колку лица можат да влезат на затворено, а дополнително на тоа е и задолжителното носење маска во затворен простор и држењето дистанца.

– Никаде нема да се пропушта да влезе голема концентрација на луѓе. Секаде ќе бидат задолжителни маските. Впрочем на затворено и сега се задолжителни, а таму каде што се носат маски и каде што се држи дистанца, едноставно нема ризик од трансмисија на вирусот, нагласи Филипче.

Отворањето на границите, според него, не претставува значаен ризик бидејќи сега најголем проблем е локалната трансмисија, за разлика од почетокот на кризата кога главниот ризик бил увозот на вирусот.