Црна Гора денеска го одбележува националниот празник – Ден на државноста, посветен на два историски настани.

На 13 јули 1878 година на Берлинскиот конгрес, Црна Гора доби меѓународно признание како независна држава, а на истиот датум во 1941 година, Црногорците се кренаа на бунт против фашистичката окупација.

По повод празникот беше одржан официјален прием во претседателската резиденција во Цетиње. Претседателот Јаков Милатовиќ истакна дека 13 јули е датумот на кој се напишани „најсветлите страници“ од двовековната историја на Црна Гора.

– Во 1878 година, Црна Гора беше меѓународно призната, а во 1941 година, нејзиниот народ се крена во одбрана на слободата против окупаторот. Затоа, 13 јули е симбол на црногорската државност, посочи Милатовиќ.

Честитки по повод Денот на државноста испратија и претседателот на црногорскиот парламент Андрија Мандиќ, претставници на политички партии, на невладини организации и градоначалниците.

Согласно, Законот за државните и другите празници на Црна Гора, денеска и утре се неработни денови.