Коле Манев
Се чудам зошто ова ни се случува? Заев не уверуваше, на референдумот граѓаните ќе одлучат и нивниот збор ќе се почитува, во тоа бидете сигурни, велеше тој. Шеќеринска потврдуваше дека гласот на народот ќе биде пресуден за иднината на државата. Димитров, во својот елегантен европски манир, кажуваше на референдумот дека граѓаните се тие кои својата судбина ќе ја превземат во свои раце бидејки тоа е елементарно нивно демократско право. Дотука се беше во ред. Но, бидејки референдумот пропадна (тоа го потврди и претседателот на ДИК), со тоа, логично пропадна и договорот од Преспа. Арно ама, кога во хор почнаа да се слушат препораките од ЕУ и од преку Атлантикот, дури некој од Европа ја советувал нашата тројка За-Шеќер-Ди да применат балкански методи. Тоа подразбира дека референдумот ти бил успешен (од каде таков заклучок никому не му јасно) и со тоа треба да се оди понатамо и да се бара решение со балкански методи!
Цртежот на Коле Манев, специјално изработен и посветен на гласањето во Собранието
И така, одеднаш, сите тројца почнаа да пеат друга песна. Во името на граѓаните, за доброто и за светлата иднина на државата, охрабрени од советите кои им дошле до уши однадвор, решија по секоја цена да го спроведат науменото, дури и по цена која е спротивна на волјата на граѓаните. Се прашувам кои се тие подземни и мрачни сили кои посакуват да создават хаос во нашава држава. Така, Заев и тие околу него почнаа да применуват балкански методи, не било какви, туку тие најмрачните, најнедемократските, најнечесните, односно тргнаа во лов по потребни пратеници од редовите на опозицијата, но како што тие велат на демократски начин. Парадоксот е во тоа што од нас се бара да смениме име, идентитет, традиција и култура, одозгора ни советуват тоа да го направиме со примена на валкани и недемократски методи и потоа да се најдеме во нивните демократски редови.
Кога се случи гласањето во Собранието за отворање на Уставот, ми стана јасно зошто досега не сме направиле држава и зошто денес кога ја имаме сакаме да ја уништиме и распарчиме ние самите. Никој не ни е крив, вината лежи исклучиво во нас. Срам да ви е, срам да им е, срам да ни е!