Силно невреме доцна попладнево ги зафати јужните делови на Словенија, еден час откако словенечкиот државен метеоролошки завод ја подигна тревогата на највисоко „црвено“ ниво.
Локалните медиуми објавија дека најпогоден бил регионот на границата со Хрватска, во регионот Бела Краина, која граничи со Карловачката жупанија, каде што голема штета предизвика градот со големина на тениско топче, пренесува хрватската агенција Хина.
Метеоролозите јавуваат дека невремето ноќва ќе се прошири во целата земја. Станува збор за нетипичен вид на бура која се јавува само неколку пати во годината, велат стручњаците.
Невремето ја зафати и Хрватска, јавуваат тамошните медиуми. Најавено е дека ноќва (петок спроти сабота) невремето ќе се прошири и на море и на копно, со силни налети на ветер, град и на места обилен дожд.
За големо невреме јавуваат и медиумите во БиХ. Силен ветер проследен со обилен дожд и грмежи соборувал стебла во подрачјето на Добој, а штети биле направени и на фасади од куќи.
За кратко време, како што јавуваат медиумите, паднала голема количина дожд, поплавувајќи сообраќајници, а жители на Добој се жалат дека водата им влегла и во подрумски простории.
И во населбата Костајница кај Добој невремето предизвикало штети на објекти и во земјоделството.