Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

ЧУДЕСНИ ГЛАВИ. Светските моќници заклучија дека светот е преплавен со лажни факти, сеедно што не е јасно како некој факт може да биде лажен или вистинит. Некој факт или постои или не постои, меѓутоа не може да биде ниту лажен, ниту вистинит. Лажни, односно вистинити можат да бидат единствено и н ф о р м а ц и и т е/о б ј а с н у в а њ а т а за некој факт, но не и самиот факт.

Така, на пример, информацијата дека некој факт постои може да биде вистинита, односно лажна. Понатаму, ако тој факт постои, тогаш вистинито или лажно може да биде објаснувањето како настанал, од каде дошол или кој стои зад него?

Меѓутоа, да се тврди дека самиот факт е лажен е повеќе од глупост. Сепак, моќниците одлучија да воведат цензура на планетарно ниво, промовирајќи ги т.н. проверувачи на факти.

Ова ме потсети на еден стар Марксов текст. Имено, Кралството Прусија одлучило, на почетокот од п р е д м и н а т и о т век, да воведе додатни инструкции за државната цензура. За таа цел, биле потребни бројни цензори, кои би ја определувале точноста/неточноста на тоа што се пишува/објавува/информира. За да можат да ја утврдат точноста/неточноста на објавеното, самите проверувачи би требале да бидат на повисоко научно, но и уметничко ниво од авторите, чии дела би ги прегледувале/цензурирале. По тој повод, Маркс иронично запишал:

„Ако во Прусија постои толкава маса на универзални гении зошто, во тој случај, овие енциклопедиски глави не се појават како писатели/автори? Зошто молчат овие искусни луѓе, кои, налик на римските гуски, со своето гракање би можеле да го спасат Капитол? Тоа се многу повлечени и скромни луѓе! На научната публика не ѝ се познати, меѓутоа познати ѝ се на владата. Па, ако тие луѓе се такви луѓе какви ниту една држава не би можела да пронајде, тогаш колку погенијални би морале да бидат тие што ги одбрале/пронашле! Со каква ли таинствена наука располагаат кога на овие чиновници, непознати во Републиката на науката, можат да им издаваат свидетелства за нивната научна способност! Колку повеќе се качуваме по скалите на оваа бирократија, толку почудесни глави среќаваме.“

Така е и денес. Толку чудесни глави пронаоѓаме во властите, што од големо чудење народот сѐ повеќе шашардисува, а тие, заедно со своите проверувачи на факти, и натаму, со кренати глави, гордо чекорат кон тотален колапс. Чудесно, навистина чудесно! Би можело да се рече дури и прекрасно чудесно.

П.С. Патем, кој ќе ги проверува проверувачите? Други проверувачи? А нив, кој ќе ги проверува?