Цвеќиња од 670 илјади евра, за да се оплемени просторот околу влада и 45 илјади евра за кафе. На таа пара за кафе мора да се спружиме повеќе за цвеќе, не за друго туку за да им биде убав погледот додека уживаат во утринското капучино на работа за да не ја гледаат грдата реалност која ги опкружува, а за која се директно виновници тој и неговата свита.

Има логика набавкава на цвеќињата ако земеме во предвид дека за време на Шарена револуција се извикуваа пароли „Ружна ви е Владата“ па веројатно на овој начин премиерот Заев сака да ја разубави, па уште кога ќе ја тргне оградата и ќе постави клупи и ние граѓаните ќе можеме на раат да уживаме во велелепната градина која ќе се направи.

Наместо хејтање замислете ги цвеќињата во полн цут, па пеперутки и пчелки, идилична атмосфера за носење на одлуки за доброто на нацијата. Ај кажете ми сега што е подобро, премиерот во хармонична фенг шуи атмосфера да работи или под постојан стрес?! Кога ќе донесе подобри одлуки?!

Навистина на ова транспарентно и домаќинско работење грев е да наоѓаме замерки. Знаеме точно секое цвеќенце колку евра ќе кошта, а не ко оној мерцедесот што го набави Груевски од 600 илјади евра и за кој е осуден со 2 години затвор. Мерцедес ко Мерцедес се амортизира, а цвеќенцата ако се одгледувани со доволно љубов ќе раснат и ќе цветаат без прекин, а бар знаеме дека премиерот Заев е полн со љубов кон своите граѓани.  Да не зборам и тоа што Мерцедесот беше набавен од строго себични причини, па кај може бе ние обичните граѓани да се повозиме во него? Можеме само да си замислиме како тоа изгледа, а вака цвеќињата ќе си ги гледаме секој ден и ќе си уживаме.

Не за џабе рече Кацарска кога го осуди Груевски:

„Чест е да се биде носител на јавна функција во Македонија, особено е чест да се биде премиер. Затоа истиот треба да се грижи за интересите на грѓаните, не само тој туку секој носител на јавна функција треба да знае дека еден од основните принципи е принципот на отчетност. Граѓаните  мора да знаат како се трошат нивните пари. Никој, најмалку носителот на јавна функција, тука секако пред се премиерот, не смее да ги потценува и омаловажува граѓаните како што тоа го сторил обвинетиот Никола Груевски. Тој успеал да обезбеди за себе на незаконит начин возило марка мерцедес“.

Ете токму тоа го сфатил и Заев, и затоа што не нé омаловажува и затоа што се грижи за нашите интереси затоа се цвеќињата, а ние најмалку што можеме да направиме за да му се оддолжиме е да ги земеме телефоните во рака и да вртиме на броевите за донации за лечење на болни дечиња додека ги гледаме цвеќињата.

 

М-р Мартина Антиќ