Генералната секретарка на Собранието на Македонија, Цветанка Иванова го отфрла како неточен и целосно неоснован обидот на пратеникот Антонио Милошоски да ја обвини за политички интервенции во работата на Собранието.

– Со политички манипулации, несоодветни алузии и без никакви докази, пратеникот Антонио Милошоски на денешната прес-конференција го стави името на Иванова во политички контекст, кој не е и не може да се доведе во никаква корелација согласно позицијата што ја врши во Собранието, се вели во реакцијата од Кабинетот на генералниот секретар на Собранието.

Согласно Деловникот, се вели во соопштението, генералниот секретар на Собранието ги извршува работите што ќе му ги довери претседателот на Собранието, му помага во подготовките и организирањето на седниците на Собранието и врши други работи утврдени со Деловникот.

Генералниот секретар ја организира и усогласува работата на Службата на Собранието и донесува правилници, упатства и други акти за работа на Службата.

– Од тие причини, г-ѓа Иванова ги осудува сите обиди за какви било политички игри кои ја вклучуваат неа и собраниските служби, се вели во соопштението.

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција во Собранието, обвини дека ракописот на предлогот за враќање на одлуката за формирање на анкетна комисија за СЈО не е на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

– Ова е ракописот на Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието или на некој близок советник на СДСМ, кој што Талат Џафери морал да го послуша и да го потпише и да го врати предлогот за формирање на анкетна комисија затоа што очигледно и Талат Џафери е седнат во скутот на владејачката партија, изјави Милошоски.