Љупчо Цветановски
Нешто е гнило во државата северотопијска, дефинитивно. Не само што е гнило, туку смрди, абе копа, а реата се чувствува се’ подалеку и подалеку. Стигнала и до омилените им Брисел и Вашингтон, па затоа ќе добиеле и датум. Да, ама не за преговори, туку краен датум и ултиматум за да се опраат, реформираат и исчистат. Мислите дека „метлата“ е идеја на Заев и Дац? Јок, не дека е некоја фантастична и „промуќурна“ идеја, но ни толку не им сече на северотопијците наши. И омилените им сојузници (откако дотичниве им завршија работа со името, уставот и историјата) увидоа дека си имаат работа со неспособни билмези, блефери и куп политички морони и оксиморони. Пораката е јасна – сменете се или ќе ве снема. А судбината на искористениот кондом е позната, се фрла со се’ истресокот. И никој не тагува по него…
Најверојатно, кога ќе ве постават на лош темел и на сила (комбинација на Тиранска платформа и сценарио „ала“ 27-ми април), резултатите се тие. Никакви, грди и бедни. Посветол мрак, едноставно, не сте виделе. А што и да очекувате од опортунисти кои се водат од максимата – „подобро да паднеш во депресија, отколку од 3-ти кат…“
Да, се покажа дека две години владеење, очебијно се и премногу за оваа самобендисана комуњарска каста. Помудри абдали не сте виделе. Секој Божји ден, се повеќе се разоткриваат и разголуваат. Сама по себе и од себе си се засилува демистификацијата на блеферите и неработните неспособњаковиќи, од кои дел и џанкерчиња да ти биле. На страна што сите живеат во толку скромен раскош. Башка, проблемот е што ништо од ова не изненади никого. Па нели, се создадени по ликот на врховниот им идол, папата? Епа тогаш, у реду е, најдете го и затворете го таксистот, тој е крив за се’. Менторот во полициска академија, Пајче е во право, а ако не верувате, прашајте ги Петрита, Замира и останатите шаренолики одбранбени чеда. Знаете, она, кога пафкаџиите бранат шмркаџии, или како и да е. Така ви е, кога живееме во време на оксиморони, башка владини, башка пратенички, на страна и претседателски.
Оксиморон број еден во државата северотопијска е разединувачкиот обединувач Пендаровски, кој по толку пизма, омраза и гнев кој го внесе со „стоката“ vs. „слободарите“, редица изјави во кампањата и секојдневната употреба на Северна во секоја можна реченица, сега ќе го помирувал народот македонски?! Оној кој стана шеф на државата најмалку благодарение на Македонците, сега ќе ги помирува истите? А падна уште на првиот испит, кога не ги покани лидерот и опозицијата на инаугурацијата. Човекот кој е 102 насто СДСМ (ко што би рекол омилениот му коалиционер Амди), а глуми и фолира дека е неопределен, треба да ги обедини толку суштински поделените Македонци? Башка, најподелени во историјата токму поради глупоштините на неговата му партија? Поверојатно, да ги доразедини. Да ги обедини, тешко. Да, зборуваме за првиот, а можеби и единствен претседател на Северна, секако, доколку се оствари желбата на мнозинството од оние кои сака да ги обедини, т.е. Македонците, па идиотската кованица да замине во историјата, онака исто идиотски ко што и дојде….
Оксиморон број два е кој друг ако не самоигнорантскиот нарцис Зоки. Замислете, болниот за внимание човек, кој неодамна скокаше покрај црвениот тепих и за малку ќе ја истуркаше пола гарда, само и само за да биде крај папата (не БЦ, туку Франциск), човекот од кој државата нема дерман од изјави, сликања, па пак изјави, па интервјуа на какви ли не есперанта секој ден (нели Грујо ви беше премногу на екран) и за кого секој во државата веќе очекува да му излезе од фрижидерот, е тој самобендисан и возљубен во сопствениот лик квазипремиер исчезна од инаугурацијата на сопствената творба именувана како Стево?! Зоки пропушти шанса да се слика, да даде и изјава, да се натопори пред тронот на Стекија и славата да му ја земе? Немогуќе! Што се случи со Зокија? Чуму не ја искористи оваа прекрасна шанса, зошто глумеше дека е на одмор? Необјаснив феномен кој ќе остане енигма и за следните генерации. Го трга ли ридот на страна Зокија, истрошен лик со многу љаги и страшен баласт врз себе, па прави простор за „чистиот“ Стеки, кој сега треба да се трансформира во послушно машинче за потпишување куп непотпишани Закони, кој од кој понелогичен, понепотребен и поантинационален? Мораше ли Зоки, и буквално и фигуративно, да го запали моторот и да исчезне, како најава дека тек ќе исчезнува од политичката сцена?
Затоа ли така наеднаш во некоја Недојдија го снема човечето кое толку милува да се слика? Па сега, тој понизно оди на баци рака во Вила Водно кај Стекија, во истата виличка во која претходникот одби да му даде мандат поради антинационалните дејанија кои црпнатото чедо муртинско вети дека нема, па во целост ги оствари, дури и повеќе од „ветеното“ му?
По пет дена пауза, Зоки пак се сликаше. Тууу, како ли издржа толку долго без внимание и снимки. Гарант, не му било лесно. Ваљда, затоа беше така сурушки оцерен од уво до уво (ко и секогаш, башка) со принцот Едвард. Слично ко и со лажниот црногорски принц Стефан, ви текнува. Аман, нека му каже некој од тоа протоколот мегаломански од 100 души, дека не треба така со „заби“ и ко „циганче на цреша“ да се смее со странски државници и познати личности. Сетете се само на фотките со Меркел, Макрон и кој ли не…
За жал, оксимороните, ги имаме и во судската власт, каде имаме купишта правдољубиви криминалци, неправедни судии, за власта одбранбени обвинители и што ли не.
Врие и во законодавната ни власт. Таму владеат довчерашни анархисти, џанкерчиња, непотисти, тендераши и бизнисмени, се’ само не луѓе кои ги почитуваат законите кои самите ги носат. Ви текнува на Уставот, законот за двојазичност итн. Законски криминалци или криминогени законодавци, изберете самите.
А што очекувате кога живееме во моментално најоксиморонската држава во светот. Не може да бидеме северна, ни јужна, ни западна, башка ни источна. Таква политички остроумна глупост не постои, никаде. Како стилско средство, оксиморонот е спој на два противречни поими, внатререченична антитеза. Епа, ако сакате противречност, макар поинаква од класичниот оксиморон, не може да бидеме Северна Макеоднија, ама „скроз“.
Оти, друга Македонија, за жал нечија, нема, единствена сме. Новокомпонираните грчки региони во 1989-та пред распадот на Југославија се фалс, добро знаат сите, башка се само регион. Не можат да бидат ни Македонци, оти Македонец се раѓаш и умираш, а не можеш да се родиш Грк, па после да „сфатиш“ дека си бил и Македонец. Зошто тогаш да не бидат и Марсовци, Јупитерци и Аталантинѓани?
И што, тогаш, би била разликата меѓу оксиморонот „чесен лопов“ и „Северна Македонија“, па и двете не постојат и не одат заедно, колку некоја власт и странски им поддржувачи да сакаат да го наметнат истото. Иако, во оксиморонската „Северна Македонија“ врие од „чесни крадци“, сиромашни богаташи, искрени лажговци, десни левичари и антинационални патриоти, факт. Вриеше и пред да ни го сменат името, ќе врие и ако ни го вратат старото, за жал.
Сепак, апел до политичките морони, кои создадоа државен оксиморон. Ве молиме, вратете ја на „rewind“ прикаската за името, двојазичноста и Уставот, па бидете си оксиморони до утре сабајле. Останете си чесни крадци, сиромашни богаташи и искрени лажговци, тоа се трпи, но не чепкајте во светото. Е, тоа боли и не се простува.
А Џедајот, т.е. народот, кога-тогаш, ќе се врати. И ќе врати…