Драги мои сограѓани од Тетово, чувствувам потреба да Ви се обратам по последен пат со оглед дека сум дел од Вас и имам преголема љубов за целиот наш крај и со оглед дека во континуитет гледам дека сте во заблуда дека овој вирус е шега и дека предизвикува мала настинка…
Иако сте препуштени сами на себе со своите одлуки како понатаму, ќе Ве замолам пак во следново:
1. Гледајте да ги сведете контактите на неопходен минимум и поради неодложни потреби, под услов да Вие и тие околу Вас се заштитени со маски, со запазување на физичката дистанца од 2 метра во затворени простори (маркети и други индустриски погони)
2. Практицирајте посети во природа и на отворено и без групирање и пак на безбедна дистанца
3. Од оваа опака болест умираат стари лица со бројни други заболувања, но и помлади лица кои се гојазни!
4. Практицирајте диета (здрава исхрана) и секојдневно вежбање во домашни услови (орбитрек) или надвор на безбедна дистанца
5. Доколку било кој од Вас се случи да испадне позитивен на SARS-CoV-2, седнете и одвоите пар минути добро да размислите и да напишете каде сте се движеле и со кого сте контактирале последните недела дена, а тоа да им го предадете на епидемиолошките служби!
6. Избегнувајте ги маркетите и пиљарите каде вработените не носат маски над нос и над уста
7. Почитувајте ја природата!
8. Никој нема да Ве заштити, ако сами Вие на размислувате со своја глава
9. Немојте да наседнувате на теории на заговор и слаткоречивост од луѓе кои не ја пратат науката, само науката може да не извади од оваа каша!
10. Вирусот се пренесува преку микро и макроаерокапки кои се продуцираат при говорење или гласно смеење и се разбира при кивање и кашлање од секој оној кој е заразен и е во ваша непосредна близина, а потоа паѓа (седиментира) на подот за 10-15 минути.
11. Перете раце најмалку 20 секунди, секогаш пред да се чепнете за нос или уста откако ќе се вратите од маркет, а кога сте во затворен маркет не ја чепкајте маската од предната страна!
12. Не заборавајте дека најмалку 50% од заразените немаат ама баш никакви симптоми, а тоа може да биде секој од нас околу и во исто време да ја пренесе заразата на свој близок пријател, татко и мајка и други роднини!
13. Овој вирус е новоидентификуван вирус за кој нашата популација нема претходно стекнат имунитет и сеуште се работи на откривање на сите негови тајни…
14. НАЈБИТНО: Немојте да се плашите доколку сето ова го апсолвирате и практицирате!
15. Светот и научната јавност забрзано работи на изнаоѓање на лек, само треба да бидеме умни и да го предухитриме со истрајност и упорност со одлична војничка организација и дисциплина!
Да сте ми живи и здрави!
Ваш,
Д-р Владимир Аврамоски