Д-р Кирил ЛАЗОВ

Како лекар, но пред се како човек секогаш се водам од максимата: „Биди хуман,биди човек“!. Во име на оваа максима хуманоста и солидарноста е потребно секогаш да ги ставаме на врвот на нашите лични вредности посебно кога некои луѓе сметаат на нашата помош.

Во овие моменти на тага и несреќа кои ги предизвика разорниот земјотрес во Република Турција, повеќе од било кога сме потребни на населението во братска Турција да ја дадеме нашата безрезервна поддршка, да помогнеме и да спасиме човечки животи. Никој да не остане сам и беспомошен.

Чувството да спасиш живот, да помогнеш и да бидеш дел од хуманитарна мисија е непроценливо. Сите ние вредиме толку колку што сме потребни на другите.

Уште во првиот момент кога го видов апелот за помош во Турција, веднаш ја искажав мојата решителност да бидам дел од медицинската помош за Турција по катастрофалните земјотреси.

Моето искуство и знаење како лекар со целото мое битие ги ставам на располагање во лекување на повредените, затоа се пријавив за учество во хуманитарните акции веднаш по објавувањето на повикот. Ова е најмалку што можеме да направиме да покажеме солидарност на Турција која низ годините е верен созјузник и голема поддршка за нашиот здравствен систем преку разни форми на едукација, на кои во два наврати и јас бев дел.
Посебно сочувствувам со турскиот народ и искрено им посакувам брзо опоравување и сила да ја надминат оваа трагедија.