Одиме на подобро, само уште малку трпение да не ја расипеме работата на крај, порача годинашниот кум на Бадник, доктор Никола Пановски.
По осветувањето на погачата во Соборниот храм во Скопје, Пановски посака следната година овој голем христијански празник да се одбележи како што доликува.
– Одиме на подобро. Секој ден ќе биде полесен од претходниот. Само уште малку трпение да не ја расипеме работава на крај. Имаме поубава година и до година да се собереме како што приличи на секој Бадник, изјави Пановски.
Традиционално со кочија и бадниковиот куп, Пановски заедно со најтесното семејство замина од Соборниот храм.
На денешното одбележување на Бадник во Соборниот храм присуствуваше и годинашниот здравичар Миодраг Врчаковски.
Поради пандемијата, со почитување на сите заштитни мерки и протоколи, годинава Бадник се одбележа со ограничен број на посетители.
Бадниковите гранчиња беа делени на главниот влез на црквата и на влезот од страната на камбанаријата, а изостанаа и традиционалните детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик. Од Здружението, кое секоја година ги организира детските бадникови поворки, информираа дека точно напладне озвучено возило во придружба на полициски возила ќе ја помине традиционалната патека на движењето на бадниковите поворки односно од црквата свети Димитрија до Соборниот храм. бак/бк/
фото: Дарко Попов