Сведок сум на голем број случаи каде што цели населби со чисто македонско население, во Тирана и во други градови, воопшто не комуницираат меѓу себе на македонски јазик па дури и во домашната конверзација се обраќаат на албански јазик
Блаже Миневски
Според д-р Валентина Нестор, родена во Корча, Мала Преспа пред четириесет и пет години, универзитетски професор во Тирана, македонскиот јазик не ужива ист статус насекаде каде што живее македонското население, бидејќи од „официјален аспект во Албанија за македонското население се смета само населението во Малопреспанското подрачје“ па само овде се изведува настава на македонски јазик во основно училиште, до четврто одделение. Во другите области, смета таа, македонскиот јазик се сведува само на разговорна форма а во пишувана Македонците ја користат латиницата!
Македонците се потешко комуницираат меѓу себе на македонски јазик!
„Во Албанија македонското население не живее само во областите на Мала Преспа туку и во Голобрдо и во Гора, како и во повеќе други градови и села во државата, како што е и селото Врник, на пример, во околината на Девол, област што граничи со Егејска Македонија. Говорот што се употребува во ова село се уште чува траги од леринскиот говор, односно и по педесет години тотална изолација на говорите од тие краеви, сепак не ги изгуби своите јазични црти останувајќи поблизок до малопреспанскиот. За жал, податоците за распределбата на македонското население во Албанија од година во година се менуваат. Тешките економски услови во кои се наоѓа населението од овие места, како и бесперспективниот развој, доведуваат до микромиграции, кои и во областите каде што живее хомогено население, каде што опстанокот и досега не бил лесен, секако ќе предизвикаат голем ризик за целосно губање на јазикот“, констатира д-р Валентина Нестор во своето истражување за состојбата на Македонците и македонскиот јазик во Албанија, дадавајќи дека селата нагло се испразнуваат, а со тоа луѓето што го зборуваат македонскиот јазик постојано се намалува.
„Големата, нагла миграција на Македонците во Албанија првин се појави во Голобрдо и во Гора, како планински места, но набрзо се прошири и во Преспа. Притоа главнината на оние што се иселуваат се помлади лица, па во некои места, каде до почетокот на новиот век, како на пример, во селото Церје, во кое редовно фукционираше градинка и основно училиште на мајчин јазик, сега не постои ни градинка ни училиште, па дури ни продавница. Таквата состојба се проширува и кај другите села и, за неколку години, судбината на Церје ги очекува и другите македонскоговорителни села. И селата во Мала Преспа, кои досега беа со похомогено население, или со поголем фанатизам го чуваа својот јазик, обичаи и култура, засилено се празнат, луѓето ги напуштаат нивните стари огништа, преселувајќи се некои во Република Македонија, дел како сезонски емигранти во Грција, кои потоа семејно се повлекуваат еден со друг и се стабилизираат во таа држава, при што дел од нив купуваат имот со намера да се вратат во градот Корча, кој, по Тирана, се смета како еден од најголемите градови, каде што се збираат Македонците од Мала Преспа за подобри и поцивилизирани услови за живеење. Во Тирана, пак, како и во секоја метропола, се збираат Македонците од сите краеви на Албанија. Во такви услови, кога станува збор за идентитетот, јазикот и културата, а немајќи можност за настава на свој мајчин јазик, Македонците полека но сигурно се одделуваат од својот мајчин јазик, притоа незнаејќи ни своето име да си го напишат на својата азбука. Средната генерација, од триесетгодишна возраст и нагоре, малку разбираат но тешко зборуваат македонски, а помладите и децата воопшто не го разбираат јазикот на своите предци. Сведок сум на голем број случаи каде што цели населби со чисто македонско население, во Тирана и во други градови, воопшто не комуницираат меѓу себе на македонски јазик па дури и во домашната конверзација се обраќаат на албански јазик“, подвлекува д-р Валентина Нестор, која пред три години, на парламентарните избори во Албанија, како носител на листата на Македонска алијанса за европска интеграција за регионот на Корча, во своето претствување на албанската телевизија меѓудругото побара Македонците да бидат обединети и да гласаат како Македонци, а таа во нивно име ќе се залага за унапредување на правата на сите Македонци во Албанија, признавање на статусот на малцинство на Македонците во Голобрдо и Гора, како и нивното право за изучување на мајчиниот јазик, право на информирање на македонски јазик на албанската државна телевизија, право на вработување на Македонците во јавната администрација, судството и другите државни институции.
Јазикот е огледало на идентитетот!
„ Во последниве неколку децении се зголемува притисокот на туѓи јазични влијанија, особено во обалста на лексиката. Тука треба да се спомне засиленото влијание од страна на албанскиот јазик, но и се поголемиот интерес кај младите за англискиот јззик, кој на разни начини навлегува во секојдневната комуникација. Сепак, ние, како родени говорители на македонскиот јазик, треба да се грижиме и да го негуваме нашиот јазик, развивајќи критичка свест за избегнување на албанизмите кои го нарушуваат системот на нашиот јазик. Во тој контекст свесни сме дека јазикот е огледало на идентитетот. Преку него, односно преку поединецот, и колективноста што ја создава јазикпт, луѓето го градат и креираат својот идентитет. Така и ние МАкедонците коишто живееме и се идентификуваме според македонскиот јазик, преку јазикот всушност го браниме тој идентитет создаван низ минатито. Јазикот е нашата обединувачка нишка која не поврзува нас како луѓе од иста народност низ вековите. Тој го носи со себе духот на поколенијата и се јавува како негова квинтисенција. Јавувајќи се како преносител на менталитетот и на духовниот облик на народот, кои се инхерентни на самата негова структура, тој мора да ги втиснува сите луѓе во секој поединец. Според тоа, македонскиот јазик е директен и најрепрезентативен производ на нашата култура и на нашите вредности зачувани со фанатизам низ вековите. Затоа ударот врз јазикот е удар врз идентитетот, индивидуалниот и колективен идентитет на Македонците каде и да живеат“, смета д-р Валентина Нестор, која пред десет години докторира на лексичко-граматичките интерференции на албанскиот јазик во говорот во Мала Преспа, а пред три години објави студија за македонските и албанските културните вредности и традиции изразени преку јазикот.
Пред 85 години:
Во Албанија живееле околу 40 илјади Македонци!
Во својот таен извештај од престојот меѓу Македонците во Албанија, доставен до бугарскиот премиер Александар Малинов во јули 1931 година, народниот пратеник од петричко, Сребрен Поп – Петров, пишува дека „имал можност непосредно да забележи каде и колку Македонци има во границите на Албанија и во какви услови живеат“. Меѓудругото бележи и дека во гратчето Билишта, на пример, има 40 куќи, а во блиското село Врбник дури 120 куќи Македонци. Во истиот извештај има податоци и за бројот на Македонците кои живееле во деветте села на Мала Преспа. Во овие села имало 270 македонски семејства. Освен тоа и во Лин имало 90 македонски домаќинства покрај 120 албански семејства, а во Погардец живееле 15 македонски семејства. Во Голо Брдо, според „пописот“ на Сребрен Поп – Петров, кој, како што вели, самиот го реализирал во неколку наврати од 1928 до почетокот на 1931 година, имало над 300 македонски домаќинства, а чисто македонски христијански села биле Крчишта и Врбница. Во оваа област, Македонци со исламска вероисповед имало около 1 900 куќи, и , што е интересно, според Поп -Петров, овие нашинци, како што вели тој, се многу „позачувани национално и јазички од православните“. Во меснота Гора, пак, со новата граница биле отцепени 10 села со околу 1 000 домаќинства Македонци- муслимани. Во истиот извештај се евидентирани и Македонците кои живееле во други делови на Албанија а особено е интересен податокот дека во двете чисто македонски села во близина на Корча, во селата Бобиштица и Дреново, пред 85 години имало околу 400 македонски куќи. Односно во Бобиштица живеле 250 а во Дреново – 150 македонски семејства. Во Скадар според истиот извор живееле 30 македонски домаќинства, во Тирана имало 20 семејства Македонци-христијани и 40 семејства Македонци-муслимани. Или, според Поп – Петров, во Албанија пред осумдесетина години живееле околу 15 000 илјади Македонци христијани и околу 25 000 Македонци муслимани, иако албанската статистика во тоа време не евидентирала ниту еден Македонец во државата!
Во 1932 година:
Во селото Горна Горица живееле 560 Македонци!
Според Трпо Поповски, роден во село Косинец, костурско, егзархиски учител во Македонија пред Руско-турската војна, ракоположен на свештеник во 1893 година, претседател на Црковната општина во Костур и член на Битолскиот окружен комитет на ВМРО од 1904 до 1906 година, потоа и архијерејски намесник во Тирана на Охридско-дебарската еперхија, во селото Горна Горица во Мала Преспа имало пред Балканските војни имало „ 62 куќи со 560 души Македонци“!Во Скадар, пак, во 1914 година, на пример, живееле 43 македонски семејства, меѓу кои и семејствата Матови, Тортеви, Велкови, Чепунови, Тримчеви, Галабови, Каваеви, Калајџиеви, Чакарови, Белеви и други.
Писмо на Георги Попхристов до ЦК на ВМРО од 11 август 1927 година:
„Ќе ги организарам сите наши села овде во Албанија!“
„Драги другари, влегов во врска со сите наши пријатели, кои искажаа готовност да не помогнат а сега ќе ги организирам и нашите села овде во Албанија…Мора да признаеме дека и ние самите сме виновни што овде не сме ја зацврстиле нашата база. Слаби сме во сите односи, а непријателите удираат по сите линии. Се надевам дека за многу брзо време ќе успеам да изградам канали и врски по целата граница… Инаку, јас веќе подолго време одам по селата и барам селаните да поднесат барања до власта за отворање на наши училишта со наши учители, и тие веќе тоа го прават, но треба постојано да имаат помош и поддршка во таа насока. Во село Врбник најдов испратени црковни книги, како и парична помош за црквата. Тоа прашање е многу важно и мора да се обрне поголемо внимание, зашто додека умните умуваат – будалите си ја вршат работата! Во таа насока треба да се имаат предвид и следниве работи: На Зогу, кој, според кажувања на негови блиски, е многу уплашен од ВМРО, треба неодложно и категорично да му се постават нашите скромни услови. Во Рим треба да отиде еден од задграничното претставништво, најдобро Наум Томалевски. Тука пак постојано треба да има наш човек, кој ќе ја диктира положбата и ќе ги одржува личните пријателства со угледни личности во Албанија. Мора да се назначат учители… Пари треба да има повеќе за набавка на оружје, особено динамит…“
Во 1929 година во Албанија:
Лут пипер во устата за дечињата што не зборувале албански!
„Фанатизирани Албанци – муслимани ги тероризираат свештениците, оние што останале живи, да учат и да читаат на албански, но и да го променат старословенскиот јазик на фреските и иконите со албански јазик.Албанските учители строго им забрануваат на децата во училиштата да зборуваат на својот мајчин јазик а тоа им налагаат да го прават и дома, да не говорат на мајчин туку на албански јазик. Има случаи кога сосема мали дечиња се казнуваат за говорење на мајчиниот јазик со лут пипер во устата и слично. Исто така се забранува и читање на весници и книги кои не се на албански јазик. Во 1929 година службеници и полицајци од Тирана оделе од куќа до куќа по селата во Мала Преспа и ги кинеле сите книги што не биле напишани на албански јазик. Свештеникот Лазар Мушмов и четворица негови соселани од село Врбник биле задржани во Билишта неколку седмици а потоа интернирани неколку месеци во Круја, затоа што селаните во тоа село упорно настојувале да добијат учител на мајчин јазик, и затоа што купувале книги и весници на мајчин јазик. Ги ослободиле откако им зеле изјави дека во иднина ќе читаат само албански весници и книги, и дека сите фрески и икони ќе ги напишат на албански јазик“, пишува во својот извештај од 1931 година Сребрен Поп – Петров, народен пратеникот во Бугарското собрание од Петрич и петричко.