Ситуацијата во моментов е таква што „имаме добра можност компромисно да се реши прашањето за Косово и Метохија“, оцени министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ и истакна оти не знае дали некогаш ќе има подобра шанса.
Дачиќ наведе дека се сменила позицијата на Русија, која стана велесила, а има многу поблиски односи со Србија отколку пред 20 години, како и дека се променила Америка и нејзината надворешна политика.
Според него, сега се отворила можност за дијалог, Србија остварила поблиски односи со Германија, Франција, како и со Турција, а со Кина стана стратешки партнер.
– Во оваа фаза имаме ситуација и кога ЕУ гледа дека главен проблем за постигнување компромис се Албанците. Албанците сакаат да го признаеме Косово, и плус ако може да ги земат Медвеѓе, Прешево… тоа би било идеално. Во таа ситуација се отвора можност да се дојде до компромисно решение. Ако веќе имаме дијалог, во дијалогот мора да имате некако предлог, рече Дачиќ за ТВ Пинк.
Тој оцени дека доаѓањето на помошникот државен секретар на САД Вес Мичел бил клучен настан, кој го сменил односот на Србија со американската администрација.
Тој појасни дека Мичел бил прв американски претставник кој се заинтересирал за проблемите на Балканот и кој имал волја да сослуша и да искаже разбирање за српските ставови.
Зборувајќи за дијалогот Белград – Приштина, Дачиќ изјави дека Србија има недостиг од идеи, бидејќи постојат луѓе кои секогаш кога треба да се брани земјата наоѓаат некаква причина тоа да не го направат.
– И сега имаме ситуација кога на политичката и социјалната сцена има такви кои поттикнуваат екстремни идеи и нереални цели, кои поаѓаат од тоа дека не треба да се решава прашањето за Косово, со изговор дека ќе дојдат некои подобри времиња. Кои подобри времиња треба да дојдат на меѓународната сцена за Ѓаковица да стане српска, праша Дачиќ.