Откако вчера Левица реагираше дека Антикорупциска комисија цела година одбива да отвори предмет против директорот на Агенцијата за разузнавање – Еролд Муслиу, во јавноста се појавија нови сомнежи за злоупотреба на овластувањата од страна на Муслиу, пишува партијата на Димитар Апасиев на партискиот сајт Антропол.мк.

Имено, Муслиу минатата година донесол  решение со кое на Даница Чадиев (претседател на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен) ѝ доверил на користење возило во сопственост на Агенцијата со регистарски табли СК 8102 АО кое е предмет на донација. Токму претседателката Чадиев е надлежна за одлучување по жалби на вработени против решенијата на Муслиу.

Возилото во сопственост на Агенцијата за разузнавање за кое Еролд Муслиу донесол решение да ѝ биде доверено на Даница Чадиев

Истата година, поведени се постапки од страна на вработени во Агенцијата пред Државната комисија, кои биле отфрлени од претседателката Чадиев. Иако постои основани сомневања дека Муслиу преку злоупотреба на државни средства вршел влијание врз друго службено лице во процесот на донесување одлука – со што директно ги прекршил член 54 и член 62 од Законот за спречување на корупција – од Антикорупциска комисија сѐ уште нема никаков одговор во јавноста.

Дополнително, нема никаква реакција и од страна на претседателот Пендаровски кој го назначи Еролд Муслиу за директор на оваа Агенција, со што се наметнува прашањето дали Пендаровски ја има узурпирано Агенцијата и безбедносните служби заради остварување на лични и тесно партиски интереси.