Основниот граѓански суд Скопје после 4 години донесе пресуда со која делумно го усвои тужбеното барање, Орце Тодоровски, поранешен директор на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, против градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и Град Скопје поради клевета и навреда.

Според пресудата, судот утврдил дека на прес-конференцијата одржана на 6 декември 2022 година Арсовска изнела невистинити тврдења со кои му нанела штета на угледот и честа на Тодоровски. Изјавите се однесувале на наводна набавка на 150 автобуси од Унгарија и тврдења дека Тодоровски посредувал за исплата на провизија.

Судот оцени дека со ваквите изјави е сторена клевета, поради што Данела Арсовска е задолжена да му исплати на Тодоровски 100.000 денари како надомест на нематеријална штета.

Со пресудата, Арсовска е задолжена и јавно да ја објави изреката од пресудата на сопствен трошок во два дневни весници, како и во иднина да се воздржи од изнесување исти или слични невистинити и навредливи тврдења.

Одговорност утврди и за Град Скопје, кој солидарно со Арсовска ќе треба да ја надомести штетата и да ја објави изреката од пресудата во согласност со судската одлука.

Воедно, судот му ги досуди на тужителот и 16.457 денари за трошоците на постапката, додека останатиот дел од тужбеното барање е одбиен како неоснован.

Пресудата е донесена од Основниот граѓански суд Скопје под број 2115/723 и, согласно Законот за граѓанска постапка, странките имаат право на жалба во законски предвидениот рок.

Данела Арсовска осудена за клевета, ќе треба да му плати 100.000 денари на Орце Тодоровски