Општина Арачиново, која лани од Владата доби половина милион едвра неповратна помош, е единствената општина во Македонија која воопшто не наплаќа данок на имот.

Ова го покажа истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации за наплата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година, а образложението од Општина Арачиново е дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение. Во декември лани, Владата на Општина Арачиново и додели 500.000 евра неповратна помош.

-Владата денеска донесе одлука за одобрување на средства од Буџетот на РС Македонија за 2020 година во висина од 30.000.000 денари на Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид-19 кризата, соопшти Владата во декември лани.

Покрај Арачиново, најслаба наплата на данок на имот, според процентот на наплата за овие три години, има во општините: Тетово (55%), Липково (51%), Врапчиште (46%), Желино (42%), Гостивар (40%), Центар Жупа (36%), Долнени (34%), Студеничани (32%) и Маврово и Ростуше (27%).

Најдобар процент на наплата на овој данок имаат општините: Македонски Брод (97%), Ѓорче Петров (97%), Велес (97%), Зрновци (96%), Чешиново-Облешево (96%), Македонска Каменица (96%), Илинден (96%), Кавадарци (95%) и Аеродром (95%).

Според вредноста на наплатениот данок на имот, најдобра наплата има Општина Центар, која просечно наплаќала по 2,3 милиони евра годишно. Над милион евра годишно наплаќале уште: Карпош (2,07), Аеродром (1,37), Кисела Вода (1,33), Гази Баба (1,23), Охрид (1,05), Битола (1,02). Во дури 36 општини овие приходи се помали од 50.000 евра.

Десетте градски скопски општини заедно, прибираат просечно годишно по 10 милиони евра. Ова значи дека половина од вкупниот данок на имот во земјава се прибира во Скопје. Скопските општини ги делат приходите од данокот на имот со Градот Скопје, согласно донесените одлуки за утврдување на стапките на даноците на имот.