Данскиот студент Микел Брикс стапи во штрајк со глад со цел да ги предупреди политичарите на нужноста од донесување на похрабри климатски политики.
– Сакам политичарите во Данска да се разбудат и конечно нешто да направат за климата, посочи 19-годишниот Брикс.
Тој наведе дека ќе штрајкува со глад до 5 јуни, кога се одржуваат парламентарните избори во Данска.
– Предолго се игнорира климатската криза, но сега барем се зборува за тоа. Сега треба да се повлечат правите потези, истакна Брикс
Тој штрајкот со глад го почна во вторникот, истиот ден кога премиерот на Данска, Ларс Локе Расмусен го објави датумот на парламентарните избори.
Според анкетите, данските гласачи најзагрижени се за климатските промени и животната средина како на парламентарните така и на изборите за Европскиот Парламент.
Брикс посочи дека протестите за климата инспирирани од шведската 16-годишна активистка Грета Тунберг влијаеле и врз данските политичари кои се свесни дека младата генерација сериозно е загрижена за климата.