Советот на ЕУ ја потврдува геостратешката важност на проширувањето, како значаен придонес кон европскиот мир, безбедност, стабилност и просперитет во 21-от век и тој процес мора да остане ефикасен, заснован на заслуги и кредибилен, врз основа на Копенхашките критериуми и утврдените принципи и методологија.
Ова се наведува во Предлог-заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето, за чие усвојување министрите за европски прашање на земјите членки на Унијата не успеаја да постигнат консензус на вчерашното заседание на Советот за општи работи.
Како што информира данската министерка за европски прашања, Мари Бјере по состанокот усвојувањето на заклучоците го блокирала Украина поради „нејзиното отфрлање на пристапните преговори на Украина со ЕУ“.
По ваквиот епилог Данското претседателство соопшти дека предложениот текст на Предлог-заклучоците добил поддршка од 26 делегации во текот на дискусиите во Советот за општи работи.
– Бидејќи една делегација не го поддржа текстот, Претседателството, во отсуство на консензус, одлучи да го објави текстот како „заклучоци на Претседателството“, информира Данското претседателство со Советот на ЕУ.
Во заклучоците се нагласува дека Советот ги повикува сите партнери да ја искористат можноста и актуелниот моментум и да ги преземат сите потребни чекори за да го забрзаат својот напредок на патот кон ЕУ.
– Во сè понестабилниот геополитички контекст, со руската воена агресија врз Украина што се одвива на нашиот континент, Европската Унија останува сидро на мирот, просперитетот и безбедноста. Почитувањето на меѓународното право, мирното решавање на конфликтите, помирувањето и регионалната соработка се принципи од највисоко значење на кои Унијата е посветена, се наведува во заклучоците.
Во документот се нагласува дека напредокот на сите партнери кои се стремат да ѝ се приклучат на ЕУ ќе продолжи да се оценува врз основа на фер и ригорозна условеност и нивните сопствени заслуги, при што почитувањето на принципите на владеење на правото, демократијата и основните права се камен-темелник на пристапните преговори.
– Пристапувањето кон ЕУ претпоставува способност за целосно преземање на сите обврски од членството. Напредокот во основите вредности останува клучен критериум за напредок кон членство во ЕУ. Посебно внимание треба да се посвети на решавање на сите недостатоци посочени од Комисијата, се додава во заклучоците.
Во текстот се додава дека во заеднички интерес и на ЕУ и на земјите кандидати за членство е блокот да има капацитет да апсорбира нови членови и воедно да ја задржи својата способност да функционира и да се развива ефикасно.
– Паралелно со засилувањето на напорите на земјите аспирантки за реформи, ЕУ треба да ги постави потребните внатрешни темели и реформи. Ова ќе ја направи ЕУ посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет, се истакнува во документот.
Во заклучоците се нагласува и дека целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ останува клучен аспект на процесот на евроинтеграција и силен израз на стратешкиот избор на партнерот, па од таму се очекува сите кандидати за членство целосно да се усогласат со неа, вклучително и во однос на рестриктивните мерки.
– На Западниот Балкан, добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот на стабилизација и асоцијација. Советот силно ги охрабрува партнерите да ги решат своите билатерални спорови и прашања вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучително и Договорот за прашањата на сукцесијата. Доближувањето на партнерите до ЕУ уште пред пристапувањето останува приоритет. Советот ги повикува земјите кандидати да ги искористат максимално постојните можности и ја поканува Комисијата да даде дополнителни предлози за постепена интеграција, се вели во заклучоците.
Во текстот се поздравува напредокот што го постигнале кандидатите за членство, нотиран во извештаите на Европската комисијата од 4 ноември 2025 година и „новите конкретни придобивки што ги носи постепената интеграција“, пред сè укинувањето на роамингот за Украина и Молдавија од 1 јануари 2026 година, како и пристапувањето на Црна Гора, Србија, Албанија, С. Македонија и Молдавија кон Единствената зона за плаќања во евра.
– Советот останува посветен на обезбедување јасен и предвидлив пат до членство во ЕУ за кандидатите, вклучително и преку поедноставување во рамките на утврдената методологија. Во овој поглед, се нагласува значењето на организирањето политички меѓувладини конференции, се додава во заклучоците.




