Големото количество опасни и експлозивни ствари лоцирани меѓу населените места Ново Село и Волково, скопско, што претставуваше едно од најголемите загадувачки жаришта и опасност за животната средина, безбедноста и за здравјето на граѓаните, е отстрането од територијата на Македонија.
Како што соопшти денеска владиниот Сектор за односи со јавноста, за отстранување на неколкуте тони застарено ракетно гориво за градобијни рекети и друг експлозивен материјал, имот на поранешната компанија АД „Теас-Темко“, кои со години лежеа во стоваришен простор во населено место, првично биле побарани 850.000 евра.
– Владата организираше постапка за продажба и чистење на теренот, согласно процедурите за управување и транспортирање на опасни материи, без ниту денар надомест за компанијата што ја спроведе постапката, стои во соопштението.
Постапката за повик и избор на понуда за оваа акција, се посочува, ја спровел Генералниот секретаријат, постапувајќи согласно заклучокот на Владата донесен на 118-та владина седница, при што била прифатена понудата на компанијата „Трајал“ од Србија.
Во планирањето и спроведувањето на оваа постапка, Владата, се подвлекува во соопштението, првенствено се раководела од грижата за здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина.