Специјалните сили на Тајланд, фоките, како и помош од САД и од Велика Британија успеаа по девет дена потрага да ги најдат 12-те деца и нивниот тренер живи и здрави откако исчезнаа без глас во една голема пештера на северот на земјата.
Откако заврши тој дел од операцијата, сега почнува исто така напорна и опасна операција – како тие да се извадат надвор од пештерата.
Децата се сега добри, за нив се грижат лекари, добиваат специјална храна како и првична обука како да нуркаат и да пливаат. Можеби ќе треба патот од околу 4 километри да го поминат исклучиво со нуркање, колку и да изгледа тоа чудно, затоа што пештерата е сега претворена во огромно езеро.
Британски Скај наведува дека спасителите сметаат дека во моментов не треба да се брза со операцијата, зашто децата се на сигурно. Тие, како што се додава, успеале девет дена да преживеат благодарение на тоа што пиеле вода која капела од сталактитите и нешто што носеле храна со себе.
Што се однесува до причината зошто влегле во пештерата кога родителите тоа им го забраниле, особено сега во сезона на дождови – одговорот е – најверојатно станува збор за иницијација. Децата да порснат, да станат храбри мажи. Тие требале да дојдат до крајот на тунелот и да се потпишат на ѕидот.
Во моментов спасителите се обидуваат да испумпаат што повеќе вода, за да ослободат пат за излез, но иако вво моментов не врнат дождови, подземните води се високи. За несреќа, се најавуваат нови обилни врнежи во наредните денови. Една опција е местото каде се сега децата и нивниот тренер да се претвори во привремено живеалиште за во наредните четири месеци до кога ќе заврши сезоната на монсуните.
Друга алтернатива е децата да се научат да нуркаат, но проблем е што тие не знаат ни да пливаат, па ќе се почне со целосна обука за на вода.
Втор пробоем, е што децата и да го совладаат тестот со нуркање, подземните канали на некои места се тесни, темни и опасни дури и за професионлаци.